Линкови за пристапност

Агелер ги повика политичарите да мислат на европската перспектива, опозицијата бара брзи избори


Вашингтон сака да ја види Северна Македонија во Европската Унија – американската администрација ја повтори својата порака за тоа во која насока ја гледа иднината на земјата. Позицијата ја изнесе американската амбасадорка како одговор на прашањето што мисли за уставните измени кои влегоа во собранието, но со сериозна неизвесност дека ќе ја добијат неопходната поддршка. Анџела Агелер, иако со дипломатска заддршка, не прошушти да каже дека политичарите имаат одговорност кон граѓаните кои сакаат да бидат дел од ЕУ.

Вашингтон сака да ја види Северна Македонија во Европската Унија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

„Мислам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во интеграцијата во Европа и се надевам дека политичарите од сите партии во оваа држава ќе работат за тоа. Границата кон Грција не потсетува на тешките одлуки кои оваа држава веќе ги направи. Препознавам дека и ова е тешко, но само ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ“, рече Анџела Агелер, амбасадорката на САД.

Изјавата на Агелер доаѓа непосредно по синоќешната средба на претседателката на ЕК со премиерот Ковачевски во Атина каде беше собран бриселскиот и политичкиот врв на Западен Балкан.

„Добра размена на мислења со премиерот Димитар Ковачевски. Го поздравив поднесувањето на уставните амандмани од неговата влада во парламентот. Се надевам дека сите партии ќе ги поддржат, за придвижување на европскиот пат на Северна Македонија. Северна Македонија припаѓа во ЕУ“, напиша Фон дер Лајен на социјалните мрежи.

И премиерот, во интервју за државната новинска агенција, од Атина, потврди дека уставните измени биле едно од главните прашања на состанокот со шефицата на комисијата.

„И двајцата изразивме задоволство што е започнат процесот. Процесот започна успешно и се надевам, исто како што и ЕУ се надева, дека во нашето Собрание ќе има визија и ќе има храброст пратениците да донесат една важна одлука која што се однесува на продолжување на европската интеграција на Северна Македонија во Европската Унија“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Ниту тој, ниту останатите од власта засега не откриваат како планираат да стигнат до бројката од 80 пратеници, неопходни за успешно финиширање на процесот на уставни измени.

За разлика од мнозинството кое, засега може да испорача околу 72 пратеници, планот на опозицијата се темели на една точка – предвремени избори.

„Власта на СДС и ДУИ е делегетимирана. Легитимитетот, не само во однос на уставните измени, но исто така и во економијата, образованието, правдата, стопанството, е целосно нарушен. Тие не нудат решение, туку создаваат повеќе проблеми. И тоа се проблеми кои директно влијаат на квалитетот на животот на граѓаните. Ваквите политики со СДС и ДУИ на власт ќе продолжат и ќе стануваат се полоши. Затоа потребни се избори кои се единственото решение за спас на Македонија. По вакви порази целосно неважно е што мисли делегитимираната СДС, единствено решение се брзи избори“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа позиција на ВМРО-ДПМНЕ беше дополнително „забетонирана“ на синоќешната седница на Извршниот комитет на партијата на која беше заклучено дека „излезот од состојбата би биле предвремени парламентарни избори во текот на оваа година“.

XS
SM
MD
LG