Берлин во нов дипломатски обид да ги поттурне напред уставните измени – процес заглавен во парламентот по пленарната седница што се одржа на средината на август. Истовремено, во Скопје се двајца високо позиционирани германски претставници – едниот на владата, другиот на Бундестагот. Додека Мануел Сарацин, како специјален претставник за Западен Балкан, до своите соговорници од владата и од опозицијата ги испорачува очекувањата на германскиот канцелар, Михаел Рот, како прв човек на комитетот за надворешна политика на Бундестагот, во директен контакт со парламентарците ја објаснува потребата од продолжување на измените на Уставот. Според него, сега не е време за меѓусебни уценувања зашто Европа, чија безбедносна архитектура е нарушена по руската агресија врз Украина, очекува Македонија да го преземе неопходниот чекор.
„Би сакал да ги охрабрам моите колеги во парламентот, но и во владата, да направат се што можат за Македонија да ја врата на пат, а тоа значи уставни измени, кои се можеби болни, но се неопходни. Ни треба повеќе амбициозност околу пристапните преговори. Северна Македонија игра многу важна улога како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна земја. Би сакал да ги мотивирам моите колеги овде дека вреди повеќе да се ангажираат во борбата против корупцијата, независност на судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата туку се и обврска на парламентарците“, рече Михаел Рот, претседавач на комитетот за надворешна политика на Бундестагот.
Рот, недвосмислено, проширувањето кон Западен Балкан го става во контекст и на ситуацијата во Украина, но и на фактот дека граѓаните од регионот очекуваат ЕУ конечно да ги исполни дадените ветувања. Но, тој истовремено и предупредува дека поради честите блокадите во процесот и едногласноста во одлучувањето на Унијата, на Западен Балкан се појавуваат нови играчи.
„На Западниот Балкан се случува судир на системи меѓу либералните и социјалдемократите и авторитарните режими на Русија и Кина. Двоумењето на ЕУ создаде простор за други актери кои не само што ги отфрлаат нашите вредности, туку активно се борат против нив“, додаде Рот.
„Неприфатливо е само една, или две земји-членки на ЕУ да ги уценуваат сите други. Со таа горчлива реалност се соочив кога бев министер за Европа. Бев на колена зашто, првиот пат, требаше да го убедам мојот француски колега, а вториот, третиот и четвртиот пат се обидов да ги убедам бугарските колеги“, рече тој.
Паралелно, Сарацин денеска ги комплетираше своите средби, почнати вчера, и со власта и опозицијата. Главната негова порака е дека сега е моментот и дека не треба да се пропушти шансата за напредок во пристапувањето. Од врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја слушнал познатата позиција...
„Ова е една офанзива, како и многу досега што се случија. На сите тие средби секогаш е кажан нашиот став – дека нема да гласаме за уставни измени под бугарски диктат. Тоа му е кажано на секој кој дошол во офанзива и да врши притисок врз нашата пратеничка група му е кажано јасно и гласно“, рече Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
По овој став на опозицијата, повторен веќе многупати, и од кој, како што јавно се вели, ВМРО-ДПМНЕ не се повлекува, прашањето е колку смисла имаат честите посети на странски дипломати на Скопје, со една цел – обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени.