Линкови за пристапност

Премиерот пак со силен оптимизам, наспроти цврстото „не“ на опозицијата за уставни измени


„Јас тоа не го гледам како офанзива, тоа го гледам како посета на пријателски дипломати од пријателски држави.“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тоа е коментарот на премиерот за зачестените дипломатски посети од влијателни земји членки на ЕУ, последната од Германија, кои испорачуваат неколку пораки – главната за потребата од уставни измени.

Ковачевски вели дека на сите овие средби и со европските, но и со американските претставници, му било пренесено дека ретко кога, како што е сега случајот, се поклопуваат стратешките интереси на Унијата, на Вашингтон и на Скопје и дека шансата е сега и дека треба да се искористи.

„Тие кажаа дека не дошле ниту некого да мачат, ниту врз некого да вршат притисок, туку да искажат свој став дека сега, во моментов во ЕУ има заеднички интерес и расположение за С Македонија да ги продолжи европските интеграции и до 2030 да станеме членка од ЕУ.“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот не го напушта оптимизмот дека процесот успешно ќе заврши и покрај фактот дека сега, во собранието, неговата коалиција ги нема потребните бројки. Ковачевски си дава период до крајот на мандатот на овој парламентарен состав, а бројката на која тој „типува“ е дури 118 пратеници кои ќе гласаат „за“.

„До крајот на мандатот на овој собраниски состав има уште 1 година. Ова е шанса која не смее да се пропушти и секој треба да ја преземе одговорноста и судбината во свои раце. Овој процес не застанува, ќе продолжи. Како тоа, најважниот процес во државата да го запреме, зашто некој така сака. Не може така, од тоа зависи иднината на земјата. Јас велам дека на крај ќе има 118 пратеници, зашто нема да гласаат само Левица бидејќи тие се со Казахстан, Таџикистан, со нив ќе правеле заедница.“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Одговорот брзо дојде. Но, не од „Левица“, туку од главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Не само што нејзините пратеници нема во овој мандат да гласаат за уставни измени, туку тоа нема да го сторат, како што велат под овие услови, ниту ако дојдат на власт.

„Јас подолго време престанав веќе да ги слушам пораките од таму бидејќи сите тие се неточни пораки, невистинити пораки кои што ги дава Димитар Ковачевски. Тоа е порака со двојна намена, прават цел е да ја држи кохезијата во рамките на партијата која што според неофицијални информации е поделена на неколку структури и е тотално демотивирана структурата на СДС. И ако не им даде некаква надеж, тогаш претпоставувам дебаклот кој што ќе се случи на следните парламентарни избори ќе биде уште поголем. Тоа е едната цел. А, втората цел е порака до меѓународната заедница еве оставете не уште неколку месеци да крадеме и да лажеме, секако на пролет се редовни парламентарни избори, не ни требаат сега предвремени парламентарни избори па ќе видиме како до тогаш ќе ја премостиме целата оваа работа. Иначе, уставни измени ние повторуваме повеќе од 15 месеци дека под бугарски диктат нема да прифатиме не само сега, и во иднина. Ако ова се условите кои што ќе останат и идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да влезе во процес на уставни измени под овие услови.“, изјави Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Евроинтеграциите и уставните измени биле тема и на средбата на шефот на грчката дипломатија со вицепремиерот за европски прашања. Од Атина стигнала поддршка за продолжување на процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ, нешто што до Преспанскиот договор беше незамисливо.

XS
SM
MD
LG