Линкови за пристапност

Првпат има опасност вето да не дојде од надвор, туку од внатре, рече Ковачевски


За првпат има опасност вето да не дојде од надвор, туку од внатре - премиерот ги изнесува своите стравувања во пресрет на утрешната пленарна седница во Собранието за уставните измени.

Димитар Ковачевски, кој по неколку седмици пауза се појави во јавноста и тоа токму пред политичкиот „Ден Д“ ги повтори своите и аргументите на власта дека предложените амандмани се технички и на каков било начин не задираат во идентитетските одредници на македонскиот народ, нешто што опозицијата го тврди.

„Во однос на амандманите немаше ниту една забелешка – тие беа презентирани пред невладините, пред академската заедница, пред партиите и никој немаше забелешка на текстот зашто тие амандманите не задираат во кое било друго прашање на македонскиот народ. Затоа, мислам дека десетдневната дебата во собранието е добра можност за граѓаните да се уверат дека е процес кој е остварување на стратешка цел – членство во ЕУ. Ќе повторам ветото дека може да дојде не од надвор туку од внатре“, рече Ковачевски.

Вели дека не ги разбира образложенијата на ВМРО-ДПМНЕ зошто не би дале поддршка, но во денешниот настап, Ковачевски како да остави простор за оптимизам.

„Верувам дека Северна Македонија која покажала дека може да донесе одлуки, многу пати неправедни, а тоа сме го правеле за доброто на иднината на нашите граѓани, а притоа секогаш сме се воделе од оставениот аманет за заштита на македонскиот јазик и идентитет, а со тоа сме оврзани и со заклучоците од Собранието“.

Утре пленарна седница во Собранието за уставните измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:36 0:00

Одговорот брзо дојде.

„Уставни измени нема да има, Ковачевски нема пратеници за промена на Устав, време е Ковачевски да се исели од владата, а не народот од државата“, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението по неговта изјава.

Речиси истовремено кога зборуваше премиерот, пред собранието настапија и лидерите на албанските опозициски партии Алтернатива, Беса, и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити и побараа во уставните измени да влезат и амандманите за албанскиот јазик и за незастарување на случаите на политичка корупција.

„И додека зборуваме за ова гласање, доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција. Ако ова се покаже како точно, не треба да губиме ни час повеќе. Во тој случај, односно доколку нема доволно мнозинство да се гласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори, за да се бара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја за протуркање на интегративните процеси кон Европската Унија“, вели Африм Гаши, претседател на Алетрнатива.

Во пресрет на утрешната седница, шефот на дипломатијата Бујар Османи, прати писмо до пратениците во кое ги повикува да ги поддржат уставните измени.

„Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати“, пишува Османи до пратениците.

XS
SM
MD
LG