Претстојат лоши времиња за Обединетите нации, откако САД најавија дека се повлекуваат од меѓународните обврски, вклучително и членството во Светската здравствена организација.
„Тоа беше 18 отсто од буџетот во 2023 година. И, како што реков, САД се најголемиот поединечен донатор“, вели Тарик Јашаревиќ, портпарол на СЗО.
Од неговиот прв ден на функцијата, претседателот Доналд Трамп потпиша различни извршни наредби, вклучително и онаа за повлекување на САД од Парискиот договор на ОН, меѓународен договор за климата.
„САД нема да ги саботираат нашите сопствени индустрии, додека Кина загадува и поминува неказнето“, истакна Трамп.
САД се најголемиот светски производител на фосилни горива кои предизвикуваат глобално затоплување. Но, тие се, исто така, и најголемиот финансиски придонесувач на ОН.
На сослушувањето за потврда во Сенатот, кандидатката на Трамп за амбасадорка на ОН, Елис Стефаник, рече дека агенцијата за деца на УНИЦЕФ и Светската програма за храна се ефективни агенции на ОН.
Но, сепак, ќе се скратат финансирањето на другите, вклучително и агенцијата која им помага на палестинските бегалци.
„Нашите даночни пари не треба да бидат користени во поддржување ентитети кои се спротивни на американските интереси, антисемитски или вклучени во измама, корупција или тероризам“, истакна Стефаник.
Кога Трамп го намали финансирањето на многу агенции на ОН во 2017 година за време на неговиот прв мандат, земјите од Европската унија финансиски се засилија.
Но, сега тие се фокусирани на трошоците за одбраната за да и помогнат на Украина да возврати против руската инвазија, делумно поради скептицизмот на Трамп кон помошта за Киев.
„Сега кога новата администрација во САД ја презеде функцијата, за Европејците, за нашите две земји Франција и Германија, е поважно од кога било да ја одиграат својата целосна улога во консолидирањето на обединета, силна и суверена Европа“, рече францускиот претседател Емануел Макрон.
Во меѓувреме, Кина веројатно нема да го прошири своето финансирање на ОН.
„Кинеските функционери се исто така реални дека нивната земја се соочува со некои економски спротивставени правци и дека немаат многу резервни пари за фрлање. Значи, се плашам дека не постои очигледен алтернативен финансиер на кој ОН треба да се обратат“, вели Ричард Гоуан од Меѓународната кризна група.
Ова е втор пат Трамп да ги повлече САД од Парискиот договор од 2015 година, која има за цел да го задржи глобалното затоплување под 2 Целзиусови степени со намалување на емисиите на јаглерод што ја затоплуваат планетата.
Наследникот на Трамп во 2021 година, претседателот Џо Бајден, ги натера САД повторно да се приклучат на договорот од Париз од неговиот прв ден на функцијата.
Аналитичарите, пак, велат дека промената на позициите на САД може да ги натерааат другите земји да ги сфатат своите обврски за климата помалку сериозно.
„Ако имаме помало намалување на емисиите во Кина или помало намалување на емисиите во другите земји во светот, тие земји, со тоа што не ги намалуваат емисиите делумно што се одразува на примерот на САД, ќе создадат штети што ќе влијаат на американската економија. Штетите се глобални“, посочува Шејла Олмстед од Универзитетот „Корнел“.
Климатските активисти протестираа против одлуката на Трамп. Откако повлекувањето ќе стапи на сила следната година, САД им се придружуваат на Иран, Либија и Јемен како единствени земји на ОН кои не се дел од климатскиот договор.
Facebook Forum