Линкови за пристапност

Реакции за маркетинг-формулата на Тему


Реакции за маркетинг-формулата на Тему
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:23 0:00

Агресивната кампања „Купувајте како милијардер“ резонира во Северна Македонија.

Ниските цени, бесплатната испорака и широкиот асортиман на производи што ги нуди кинеската платформа за е-трговија Тему, ја привлекле Симона Паскоска да ја спушти оваа апликација на нејзиниот телефон и десетици пати да направи нарачки кои ѝ биле потребни, но и такви што не ѝ биле толку неопходни. Кога за прв пат се најавила на оваа платформа, се почувствувала како да е во виртуелно казино – се врти рулет со примамливи парични купони и тајмер кој одбројува за да се изврши нарачката во одреден период.

„Започнав да пазарам од Тему затоа што ми беше ново и интересно. Кога дојде кај нас Тему, на почеток имаше работи кои што не можев да ги најдам тука низ продавниците и така почнав да нарачувам на Тему“, вели Симона Паскоска, потрошувачка на Тему.

Паскоска знае дека квалитетот на производите на Тему, не е загарантиран и тој ризик го прифатила.

„Кога станува збор за квалитетот можам да кажам дека е добар, има некои производи кои што ми стигнаа кои што не беа со добар квалитет, но останатите 90 отсто од производите беа со добар квалитет. Затоа нарачувам и добро е тоа што има поголем избор, повеќе модни додатоци, така што има навистина добар избор и планирам и во иднина да продолжам да пазарам од Тему“, додава Паскоска.

Понудата на Тему под ознаката „Купувајте како милијардер“ е присутна речиси на сите социјални мрежи, што почнува да ѝ пречи и на Паскоска.

„Тоа е според мене некој „агресивен маркетинг“, што нон-стоп од секаде ти излегува и те потсетува дека ‘еј тука сме, порачај нешто од кај нас’. Тоа од една страна е добро според мене, затоа што некогаш ми се нудат производи кои што претходно сум ги пребарувала со пониски цени, но понекогаш искрено знае и да биде досадно кога не ти треба ништо, а нон-стоп ти излегува иако велиш дека ништо од тоа не ти треба’’, вели Симона Паскоска, потрошувачка на Тему.

Комуникологот Дејан Андонов за Гласот на Америка вели дека е заблуда за бизнисите да веруваат дека колку повеќе информации ќе објават на нивните социјални платформи, толку повеќе клиенти ќе привлечат.

„Прекумерната содржина на социјалните платформи може да ја споредиме со еден ‘досаден сосед’ кој што постојано само зборува. Секогаш е тука, постојано ве оптоварува со некакви информации и никогаш не ви дава мир, а често знае да има спротивен ефект - почнувате да го избегнувате тој сосед. Исто е и со прекумерната содржина на социјалните платформи. Може да предизвика несакан ефект кај следачите, кај публиката, да ги избегнуваат таквите информации, да ги игнорираат и најлош случај - да престанат да ве следат како организација или бизнис“, истакна комуникологот Дејан Андонов.

Но, експертката за маркетинг, Ели Пешева, е со сосема спротивен став. Таа вели дека стратегијата што ја спроведува Тему е стратегија за пробивање на нов пазар.

„Се прави некаква проценка за тоа колку пати, колкав обем и со колкава фреквенција и интензитет се појавува кај одредени луѓе, се прави гео-тагирање, што е сосема нормално и претпоставувам дека во овој период тоа е толку интензивно, дека не се очекува само продажба на брендот, туку се очекува и свесност за тоа кој е брендот, кои се конкурентите и кои се неговите предности. На долг рок, мислам дека тоа ќе се покаже како добра стратегија за нив, бидејќи дури и да не нарачуваме сега, сите стануваме свесни дека тој бренд постои, се создава она што ние во маркетингот го нарекуваме top of mind, така што во првата прилика кога ќе ни затреба нешто или кога ќе сакаме да купиме нешто што не сме знаеле дека ни треба, веројатно тоа ќе биде еден од првите брендови на кои што ќе се сетиме“, изјави Ели Пешева, експертка за маркетинг.

Надвор од Кина, Тему за прв пат со работа започна во септември 2022 година во САД, со тврдење дека „сака да им даде на Американците поголем пристап до кинеските производи“. Оттогаш, оваа платформа доживеа брз раст не само во САД, туку и на глобално ниво, за што компанијата во 2023 година одвоила приближно 2 милијарди долари за рекламирање на платформите Фејсбук и Инстаграм.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG