Линкови за пристапност

Растат тензиите и непријателствата меѓу Израел и Хезболах


Растат тензиите и непријателствата меѓу Израел и Хезболах
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:26 0:00

Се зголемија тензиите меѓу Израел и Хезболах, откако во израелски воздушен напад врз Бејрут беше убиен висок функционер на Хезболах, Ибраим Акил, како и десетици други. Хезболах истрела повеќе од 150 ракети врз Израел. Известува Линда Градштајн. .

Ракетите на Хезболах во неделата допреа подлабоко во Израел отколку кога било од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас пред речиси една година. Иако повеќето беа соборени, училиштата ширум северен Израел беа затворени, а болниците во северен Израел се префрлија под земја.

Еден 17-годишник загинал кога изгубил контрола над автомобилот што го возел за време на ракетна сирена.

Хезболах соопшти дека ракетниот истрел бил насочен кон воздухопловната база Рамат Давид во близина на северниот град Хаифа. Неколку домови беа оштетени додека жителите се криеја во засолништа.

"Не мислевме дека ќе стигне до тука. Никој не го сака ова. Навистина е тешко. Не е лесно, се ближат празници. Којзнае што ќе се случи... со Божја помош, можеби ќе биде подобро“, вели Леа Сабаг, жителка на Хаифа.

Во Либан, илјадници луѓе присуствуваа на погребот на Ибрахим Акил убиен од Израел во воздушен напад во петокот во Бејрут. Заменик-шефот на Хезболах Наим Касем рече дека нападите врз Израел ќе продолжат.

„Заканите нема да не спречат и не се плашиме од најлошото сценарио. Подготвени сме да се соочиме со сите воени можности“, вели Касем.

Израелските аналитичари велат дека Хезболах претрпе тежок удар во изминатата недела, почнувајќи кога илјадници пејџери експлодираа во сложената операција што ѝ се припишува на Израел.

„Тоа беше штета што предизвика многу конфузија и ја оштети командата и контролата на Хезболах како организација. Навистина е тешко да се има организациско однесување на армијата кога немате начин да комуницирате и кога 3 000 ваши команданти или воени оперативци во основа не можат да функционираат“, вели Сарит Зехави, од центарот Алма.

Во исто време, таа рече дека Хезболах сè уште има значителни способности и десетици илјади ракети.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври бил неиспровоциран и Хезболах се приклучил на нападите врз Израел следниот ден.

„Ниту една земја не може да прифати бесмислено ракетирање на нејзините градови. И ние не можеме да го прифатиме. Ќе преземеме секакви неопходни акции за да ја вратиме безбедноста и да ги вратиме нашите луѓе безбедни во нивните домови“, рече Нетанјаху.

Израелските аналитичари велат дека досега и Израел и Хезболах се воздржувале од тотална војна. Израел не ја погоди либанската инфраструктура, како што се електрани, а Хезболах не пукаше во централниот дел на Израел.

Гиора Ајланд, поранешен советник за национална безбедност, вели дека што ќе се случи потоа зависи од Иран, кој го контролира Хезболах.

„И Иранците ќе им кажат да ја прекинат војната само ако има некаков меѓународен притисок – американски, француски и други, за доброто на сите нас, Американците, Иранците и другите, подобро е да се запре оваа ескалација зашто ако не го запреме тоа не само што ќе донесе тотална војна меѓу Израел и Хезболах, туку како што многу луѓе проценуваат дека тоа би можело всушност да создаде регионална војна“, смета Ајланд.

Израел останува во состојба на висока готовност за понатамошни напади на Хезболах. Училиштата во северниот дел на Израел ќе останат затворени, а болниците продолжуваат да работат под земја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG