Доналд Трамп, во кампањата за претседател пред осум години, вети дека ќе ја моделира бирократијата на Вашингтон според неговата волја.
„Ако бидам избран за претседател, ќе го исушиме мочуриштето во Вашингтон”, рече Трамп за време на тогашната кампања.
Трамп продолжува тоа да го зборува, што значи дека сака да ги отстрани од владата оние кои наметнуваат политика, но не одговараат пред претседателот. Тоа сега е на писмено, во документ создаден со учество на повеќе од 100 конзервативни групи.
Проектот 2025, објавен од десничарската фондација Херитиџ, дава инструкции како да се спроведе реформирањето на администрацијата.
Претседателот на Фондацијата Херитиџ, Кевин Робертс, предупредува дека може да има насилство на патот за неговото спроведување.
„Ние сме во процес на втората американска револуција, која ќе биде без крв ако тоа го дозволи левицата”, рече Робертс.
По тој запалив коментар, Трамп се обиде да се дистанцира од Проектот 2025 - тврдејќи дека иако не знае „ништо“ за него и неговите автори, рече дека „не се согласува со некои работи што тие ги кажуваат“.
Шефот на проектот, Пол Данс, појавувајќи се на телевизијата C-SPAN, не остави сомнеж дека зборовите и идеите на Трамп биле инспирација.
„Тој беше претседател четири години, така што многу од идеите се пренесени од тоа време. Многу од тоа произлегува од тој прв мандат на Трамп”, истакна Данс.
Гласот на Америка побара интервју од фондацијата Херитиџ. Беше одговорено дека никој не е достапен, но испратија писмена изјава во која нагласуваат дека Проектот 2025 не зборува за ниеден кандидат.
Проектот 2025 се стреми да ги елиминира контролите и рамнотежата на власта што креаторите на Уставот, како што се Џејмс Медисон и Томас Џеферсон, ги предвиделе за меѓусебна одговорност на извршната, законодавната и судската власт, вели Вил Маршал, претседател на Институтот за прогресивна политика.
„Медисон и Џеферсон сигурно се превртуваат во гробот со ваквата моќ што би се концентрирала во рацете на следниот претседател. И ако тој претседател е Доналд Трамп, тоа би било кошмар за државата, со оглед на начинот на кој тој ја злоупотребуваше моќта во минатото”, посочува Маршал.
Кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден го направи Проектот 2025 примарна цел, поставувајќи посебна веб-страница посветена на критиките за него и истакнувајќи ја либералната реакција на медиумите.
„Критичарите тоа го нарекуваат фашистичка скрипта. И тоа треба да биде една од причините, ако не и главната причината, да гласате овој ноември”, објасни Мелиса Мареј од Ем-Ес-ен-би-си.
Facebook Forum