Од 1984 година, повеќе жени отколку мажи гласале на претседателските избори во САД. И, во најголем дел, повеќе од нив гласаат за демократи отколку за републиканци. Ненадејното влегување на потпретседателката Камала Харис во трката по повлекувањето на претседателот Џо Бајден во јули, се чини дека ги поттикнала овие гласачи.
„Видовме прилично значајна промена во многу различни демографски податоци, но тоа се случи особено кај жените, кои сега имаат многу поголема веројатност да гласаат за демократ, отколку кога беше Бајден“, вели Ерин Кови, аналитичарка.
Оваа изборна година, приближно една од пет жени вели дека правото на абортус е нивно клучно прашање. Во 2022 година, судиите на Врховниот суд номинирани од тогашниот претседател Доналд Трамп помогнаа да се елиминира уставното право на абортус.
Трамп сака секоја сојузна држава да одлучува за законите за абортус. Харис сака федералното законодавство да ја заштити репродуктивната слобода на национално ниво.
„Таа се обидува да создаде свет каде што сите луѓе имаат свои права на сопствени одлуки за нивните тела. Права на жените“, вели Клои Лонгмајр, жителка на Висконсин.
„Ми се допаѓа пораката дека таа е за луѓето, за средната класа. Јас сум средна класа. И за законите за правата на жените“, посочува Летиша Гилен од Аризона.
Помеѓу женските гласачи, најновите анкети покажуваат дека Харис води пред Трамп со некаде од девет до 13 поени.
„Таа доби многу помлади жени кои се независни, непартиски гласачи на возраст под 50 години, многу од нив под 40 години, кои навистина се возбудија за нејзината кандидатура“, истакнува Пол Маслин, анкетар.
„Црните жени сега имаат поголема веројатност да гласаат за Харис. Латиноамериканките. Промената доаѓа меѓу овие специфични расни демографски групи, каде таа има поголема поддршка“, вели Ковин.
Мажите го преферираат Трамп со некаде меѓу пет и девет поени, зависно од анкетите.
„Прво, таа да биде кандидатка, некако, навистина, ова е ужасно за мене, затоа што пред се`, таа не е подготвена да биде претседател“, смета Т. Стенли од Џорџија.
„Одеднаш, Камала Харис е номинирана од Демократската партија кога никогаш не би била номинирана како прв избор. Таа се појави од никаде“, вели Алекс Лустиг од Монтана.
Родов јаз постои меѓу помладите гласачи од генерацијата „З“, каде што мнозинството мажи помлади од 27 години го поддржуваат Трамп, според анкетарот Дејвид Мекленан.
„Има зголемување во однос на восхитувањето на некои млади мажи од генерацијата З кон ароганција. Покажуваат мажественост“, вели Мекленан.
Мекленан вели дека младите мажи се политички информирани од извори на Интернет, каде што често гледаат и слушаат непријатни мислења за женските лидери.
„Тие веруваат дека жените не можат да донесат тешки одлуки ако САД се во војна или се соочат со меѓународна криза. Тие не веруваат дека жените имаат способност да носат тешки одлуки“, додава Мекленан.
Белите жени беа клучни за победата на Трамп во 2016 година. Тој, исто така, го освои мнозинството од белите жени во 2020 година.
Во оваа трка, најновите анкети покажуваат дека Харис и Трамп статистички се изедначени меѓу белите жени.
Facebook Forum