Линкови за пристапност

Преку функционална писменост до подобри меѓународни оценки на македонските ученици


Преку функционална писменост до подобри меѓународни оценки на македонските ученици
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:50 0:00

За подобри резултати во меѓународни рамки, неопходен е развој на функционалната писменост кај учениците, да се поттикнат да ги поврзуваат знаењата од различни предмети, да ги ослободиме да размислуваат аналитички, да се напушти учењето напамет, порачуваат наставници и професори.

Да ги разбудиме учениците, да размислуваат подлабоко, да ги поврзуваат знаењата, да не учат напамет. Тоа го порачуваат домашни професори и наставници.

„Да сфатат учениците дека знаењата што треба да ги стекнат, не се само за оценката којашто ќе ја ставиме на крајот во дневникот“, советува Виолета Ѓорѓиевска, наставничка по англиски јазик во Основното училиште „Ванчо Китанов“ во Пехчево.

Според декемвриските резултати од меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици покажаа далеку потпросечни резултати во математика, читање и наука. Според наставниците, причините за таквите резултати се од различна природа.

„Честите промени во образовниот систем, воведување нови предмети, менување наставни програми, немањето учебници“, се дел од причините што ги наведува наставничката Ѓорѓиевска.

Во резултатите од тестот ПИСА беше посочено дека меѓу македонските ученици, што се на возраст од 15 години, речиси и да нема некој што може да разбере долги текстови, да толкува апстрактни содржини, или, пак, да разликува факти од мислење.

„Некои се поотворени, поголеми логичари, ги поврзуваат работите. Некои, пак, можам да кажам, не се толку функционално неписмени, колку што се мрзеливи“, смета Александра Ковачовска-Постоловска, наставничка во одделенска и во предметна настава во ООУ „Ванчо Китанов“, во Пехчево.

Надежта е дека дел од овие проблеми ќе се надминат со развој на функционалната писменост во образованието. Тоа, како што објаснуваат стручните лица, во основа е поттикнување на учениците да ги поврзуваат стекнатите знаења од различни предмети и области.

„Да се смислуваат активности, прашања, а со крајна цел да се разбудат децата, да се поттикнат малку поаналитички да размислуваат, малку подлабоко. Да ги поврзуваат работите, да имаме меѓупредметна корелација. Ако нешто се учи по еден предмет, сето тоа да се поврзе со други предмети“, посочува наставничката Ковачовска-Постоловска.

Во таа насока неодамна почна и проект за поттикнување на функционалната писменост во основните и во средните училишта. Главна координаторка е професорката Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.

„Се става премногу голем фокус на учењето напамет, повторување на материјалот и мислам дека недостига овој елемент“, укажува професорката Малеска.

Во проектот волонтерски се вклучени триесетина наставници од повеќе училишта низ државата. Целта е да се увиди што е потребно да се преземе, за да се подобри наставата.

„Целосен пристап во наставата каде што се поттикнува соработка. Нема некаков омаловажувачки однос кон учениците, било да се мирни, немирни, учат, не учат. Односот да биде пријателски, со поттик, со позитивна атмосфера“, додава професорката Малеска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG