Линкови за пристапност

Предизборна дебата во САД: Дали правото за абортусот е личен избор или државна уредба?


Предизборна дебата во САД: Дали правото за абортусот е личен избор или државна уредба?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Абортусот е едно од централните прашања на претседателската кампања во САД. Претседателот Џо Бајден вели дека пристапот до абортусот е прашање на лична слобода, додека републиканскиот кандидат Доналд Трамп вели дека сојузните држави треба да одлучуваат за законите за абортус. Известува Скот Стернс.

Демонстранти во главниот град на Аризона во неделата, протестираа против минатонеделната одлука на Врховен суд во оваа сојузна држава, со која се дозволува закон од 1800-тите да ги блокира речиси сите абортуси.

Потпретседателката Камала Харис, им рече на жителите на Аризона дека правото на абортус е борба за слободите.

„Во Америка слободата не се дава. Не треба да се доделува. Таа е наше право. Тоа значи и слобода да се носат одлуки за сопственото тело, а не владата да им кажува на луѓето што да прават“, изјави потпретседателката на САД, Камала Харис.

Американските сојузни држави имаа право да донесуваат свои закони за абортус откако со одлука на Врховниот суд во 2022 година беше ставен крај на уставното право на абортус предвидено со пресудата „Роу против Вејд“ од 1973 година.

Доналд Трамп назначи тројца од шесте судии кои ја донесоа одлуката во 2022 година, и вели дека со правата, што тој им помогнал на сојузните држави да ги имаат, забрана за абортус на национално ниво не била неопходна.

„Бидејќи повеќе не ни треба затоа што го укинавме „Роу против Вејд“ и направивме нешто што никој не мислеше дека е можно - ја вративме оваа одлука на сојузните држави. Тие работат многу брилијантно, во некои случаи конзервативно, во некои случаи не, но тие работат и функционираат како што треба“, рече Трамп.

Кампањата на Бајден вели дека бидејќи Трамп ја поништил федералната заштита за абортус, на негова одговорност се „ страдањето и хаосот што се случуваат во моментов, вклучително и во Аризона“.

„И сега, поради Доналд Трамп, повеќе од 20 сојузни држави во нашата нација имаат забрани. Сега, поради Доналд Трамп, секоја трета жена во репродуктивна возраст во нашата земја живее во држава во која има забрана на Трамп за абортус“, посочи Харис.

Додека Трамп вели дека поконзервативните сојузни држави треба да имаат слобода да донесуваат поконзервативни закони, тој им рече на новинарите дека пресудата од Аризона, која нема исклучоци за силување или инцест, оди предалеку.

„Имате многу, многу убава хармонија, да бидам искрен. Имате и некои случаи како Аризона кои се вратија во 1864 година или нешто слично, но тоа ќе биде променето од владата. Тие ќе го променат тоа. Не се согласувам со тоа“, вели Трамп.

Харис вели дека она што се случува во Аризона е дел од она што таа го нарекува „целосен напад“ на Трамп врз репродуктивните слободи.

„Значи, еве како ќе изгледа вториот мандат на Трамп. Повеќе забрани, повеќе страдања и помалку слобода. Исто како што направи во Аризона, тој во основа сака да ја врати Америка назад во 1800-тите. Но, нема да дозволиме тоа да се случи“, додава Харис.

Кампањата на Бајден се надева дека прашањето за правото на абортус на гласачкото ливче во ноември во Аризона ќе им помогне да ја освојат оваа важна сојузна држава, како што слични иницијативи за гласање во Канзас и Охајо во изминатите две години се причина за пораз на републиканците.

Трамп се чини дека ја призна изборната ранливост во однос на абортусот, велејќи им на поддржувачите: „Морате да го следите своето срце за ова прашање, но запаметите, мора да победите и на избори“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG