Претседателот Џо Бајден им рече на активистите за контрола на оружјето во Вашингтон дека му треба нивната помош за заострување на законите за оружје.
„Потребно ни е да го надминете противењето на лобито за оружје, производителите на оружје, толку многу политичари кога се противат на законите за оружје“, рече Бајден.
Бајден повика на федерална забрана за полуавтоматско оружје и ги критикуваше републиканските противници за обидот да го затворат Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви, кое е одговорно за борба против криминалот со оружје.
„Не можете да бидете поддржувачи на полицијата и да се залагате за укинување на Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви. Не можете да го направите тоа. Тоа е срамота“, рече Бајден.
Скоро една третина од Американците велат дека имаат пиштол, според Истражувачкиот центар „Пју“. Доналд Трамп му рече на најголемото американско лоби за оружје во мај дека Бајден сака да ги одземе тие пиштоли.
„Ако режимот на Бајден добие уште четири години, тие доаѓаат по вашето оружје, 100% сигурно“, рече Трамп.
Трамп вели дека правата за оружје согласно вториот амандман на американскиот Устав ќе бидат загарантирани со неговиот избор, но загрозени со изборот на Бајден.
„Ако добијат, нашата држава ќе биде уништена на многу начини. Но, вториот амандман ќе биде ... тој е под опсада. Но, со мене, се заштитени“, рече Трамп.
Трамп ѝ кажа на Националната асоцијација за оружје дека сопствениците на оружје ќе го направат победник во ноември.
„Тие се големи патриоти. Одлични луѓе. И ние ќе правиме работи што никој не може да верува. Ќе победиме на овие избори на нивоа што никој досега не ги видел“, рече Трамп.
Позицијата на Трамп за контрола на оружјето како претседател е причина да не биде избран, вели Бајден.
„Мојот претходник неодамна на конвенцијата на Националната асоцијација за оружје изјави дека е горд што, цитирам, „не направив ништо за оружјето додека бев претседател“. На тој начин тој значително ја влоши ситуацијата“, истакна Бајден.
Бајден зборуваше за оружјето на ист ден кога неговиот син Хантер беше осуден, вклучително и за незаконско купување пиштол. Џо Бајден не зборуваше за неговиот син, но даде писмена изјава во која вели дека ќе го прифати исходот од овој случај и ќе продолжи да го почитува судскиот процес.
Хантер Бајден е прв дете на актуелен претседател на САД, осудено за кривично дело и треба да му се суди за одделни обвиненија за федерални даночни измами во септември.
Facebook Forum