Врвот на социјалдемократите, кои доскоро со ДУИ ја сочинуваа власта, не гледа причини за паника, но и очекува ако има нешто што се случува во позадина, безбедносните институции тоа да го решат. „Мицкоски со месеци зборува за некакви закани, па време е тие наводи да се истражат“, порача претседателот на СДСМ.
„Сметам дека освен дел од нашиот секојдневен партиски фолклор, навистина нема за страв и паника. Доколу има, очекувам безбедносните институции да реагираат, Советот за безбедност и конечно нека се состане некое тело, нека анализира и одговори на сите овие повеќемесечни шпекулации дека може да има загани за стабилноста на земјата.“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од ДУИ денеска го дообјаснуваат Ахмети – дека неговата изјава на која реагираше премиерот се однесувала на тоа да „не се допираат елементите кои произлегуваат од Охридскиот договор“ како што е законот за употреба на јазиците за чии одредени членови постапува Уставниот суд.
„Цениме дека единствено нешто што може да влијае врз стабилноста на државата е нарушување на меѓуетничките односи во државата. Што значи тоа – тоа се сите нешта постигнати со макотрпна работа и кои се дел од Охридскиот договор и нема да се дозволи да се чепне нешто што е постигнато со многу труд. Ахмети не се заканува, туку само го кажува ставот на ДУИ и на Албанците.“, оцени Фатон Ахмети, генерален секретар на ДУИ.
Вчера, премиерот директно го посочи Ахмети како „фактор на нестабилност“ за што, според него, била загрижена и меѓународната заедница. Мицкоски смета дека лидерот на Ахмети така сака да прави притисок врз уставните судии, токму поради законот за јазиците.
„Законот за употреба на јазиците е во Уставниот Суд, а ако се погледне, таму се луѓето кои излегоа во тефтерчето од Речица и на Бихаќка. Претпоставувам дека притисокот врз тие луѓе продолжува и се бара некоја преносна структура да ја пренесе пораката. Не мислам дека ова е нешто сериозно, но тој продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа мене ме загрижува, но ги загрижува и нашите меѓународни партнери бидејќи Али Ахмети и ДУИ се повеќе и на дневна основа стануваат фактор на нестабилност.“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Одговорот од партијата на Ахмети беше дека токму новата владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ користи „разделувачка реторика и обвинувањата кои во реалноста удираат врз мултиетничкиот карактер и еднаквоста во земјата“.
Наспроти изјавите на политичките лидери и партиските претставници за потенцијалните закани за стабилноста на државата, во изминатиот период безбедносните институции уверуваа дека состојбата е стабилна.
Иако до локалните избори има уште многу време, не се исклучува можноста дека реториката на дел од политичките играчи е некаква подготовка на теренот за гласањето наесен догодина.
Facebook Forum