136-та годишна Парада на розите има речиси 40 подвижни платформи украсени со свежо цвеќе, вклучувајќи една и за ветерани, што ја истакнува обуката на пензионираните војници за софтверско инженерство и сајбербезбедност.
Тери Ривера служел шест години во американската морнарица пред да се приклучи на противпожарната служба во Њујорк. Тој вели дека откако му биле оштетени белите дробови поради неговата работа по терористичкиот напад на Светскиот трговски центар во 2001 година, бил принуден да земе инвалидска пензија.
Откако работел во управување со итни случаи и помош при катастрофи, Ривера се приклучил на програмата „Кодирање за ветерани“.
„Силно верувам дека следниот, и тоа е прикажано во многу филмови, но следниот 11 септември веројатно ќе биде сајбернапад, па тоа е она што ме заинтересира. Се надевам дека би можел да помогнам да се спречи тоа да се случи“, вели Ривера.
„Кодирање за ветерани“ потекнува од Канада и се води овде во Лос Анџелес преку Универзитетот на Јужна Калифорнија.
Извршниот директор Џеф Масон вели дека тие имаат високи стапки на вработување и повеќе од 800 ветерани кои моментално се запишани.
„Служите на бојното поле, а сега во сајберпросторот. И кога ќе ги погледнете вештините на луѓето во војската – внимание на детали, лидерство, тимска работа – тие се вештините што работодавците навистина ги бараат“, посочува Масон.
Онлајн програмата се одвива самостојно, може да се заврши за шест до 12 месеци и вклучува обука за кариера.
„Како да ја составите вашата биографија, како да барате работа, како да добиете ефективна обука во смисла да ви помогнеме да ги следите вашиот интерес и развој на кариера, како и да направите профил на ЛинкдИн. Некои многу основни алатки кои ако излегувате од војска по 20 години, никогаш нема да ги знаете, никогаш не сте имале потреба за такво нешто“, истакнува Тери Волф од Универзитетот на Јужна Калифорнија.
Алехандра Родригез доброволно се пријавила да помогне во украсувањето поради военото потекло на нејзиното семејство.
„Ги видов проблемите при транзицијата. Имаа траума. Се мачеа. Виделе многу. Сестра ми се врати поинаква, и беше многу тешко како семејство да се види нејзината борба, а во тоа време Одделот за ветерани немаше многу пари за да ги поддржи, така што како семејство го направивме најдоброто што можевме“, посочува Родригез.
„Кодирање за ветерани“ се придружи на другите за Нова година, проширувајќи ја видливоста на програмата со парада емитувана за милиони.
Facebook Forum