Жителите на населбата Бени Хисар во Кабул со часови чекаат ред за да донесат вода, бидејќи повеќето бунари во регионот пресушија во последните години. Еден од ретките преостанати функционални бунари кој се наоѓа во домот на Хаџи Мамор, привлекува луѓе кои живеат километри далеку и бараат пристап до вода.
„Им дозволуваме на луѓето да црпат вода од бунарот што го ископавме внатре во нашата куќа. Овие буриња што ги гледате, кога ќе се наполнат, доаѓаат други луѓе по вода. Што се однесува до водата, имаме многу проблеми”, вели Мамор.
Обединетите нации предупредија дека подземните води во Кабул би можеле да бидат исцрпени до 2030 година поради климатските промени и брзата урбанизација. Тие повикаа на „итна акција“.
Експертите велат дека недостигот на вода во Кабул може да се ублажи со ограничување на користењето на подземните води за индустриски и земјоделски цели. Но, властите бараат други решенија.
„Важен е трансферот на водата во Кабул, особено од реката Пањшир. Тоа треба да биде приоритет за властите бидејќи луѓето во Кабул едвај чекаат долгорочни проекти. Ова е решение на краток рок”, вели Саед Абдул Басит Рахмани, експерт за води.
Мултимилионскиот проект за испорака на вода од реката Пањшир во Кабул е подготвен да започне со изградба, соопштија талибанските власти.
„Во таа насока, ако даде Господ, ќе ги реши проблемите затоа што е единствен проект со кој би се обезбедиле вода за пиење на 2 милиони луѓе”, вели Матиула Абид од Министерството за енергија и вода.
Но, засега некои жители на Бени Хисар размислуваат да се преселат во друг дел од градот каде би можеле да добијат вода.
„Ќе бидеме принудени да се иселиме од ова село. Еднаш веќе бевме раселени, а сега ќе се преселиме на друго место. Дојдовме овде од Логар, а поради вода ќе одиме на друго место”, вели Абдул Васих, жител на Кабул.
Но, Обединетите нации проценуваат дека скоро 80 отсто од луѓето во Авганистан немаат пристап до чиста вода за пиење, поради што Васих нема многу опции.
Facebook Forum