Видео со беспилотни летала наводно покажува како руски војници пукаат во тројца невооружени украински војници во регионот Доњецк. Еден од тие војници подоцна бил заробен од украинските сили и наводно ги признал убиствата.
„Немаме време да се плеткаме со затворениците, не земаме затвореници. Се дава команда – пукајте. Броиме до три и завршена наредба“, сведочи Вјачеслав Делјагин, воен заробеник, припадник на руските сили.
Од почетокот на октомври 2024 година, Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина соопшти дека руските војници егзекутирале 93 украински борци на бојното поле. Не е невообичаено руски војници да ги снимат овие егзекуции и потоа да ги прикачат на интернет.
„Гледаме широк спектар на прекршувања на меѓународното право - некои од овие прекршувања се однесуваат на водење на непријателства, напади врз цивили и цивилни објекти, напади врз медицинска и енергетска инфраструктура. Гледаме кршење на личниот интегритет кога станува збор за тортура, сексуално насилство и слично“, вели Цветелина ван Бентем, од Оксфордскиот институт за етика, право и воени конфликти.
Претставници на Центарот за граѓански слободи во Украина исто така се ангажирани во собирање докази за воени злосторства. Со други украински организации тие создадоа иницијатива наречена „Трибунал за Путин“.
Досега тие документираа околу 82.000 наводни воени злосторства извршени од руските сили. Врз основа на тие записи, тие подготвиле шест жалби до Меѓународниот кривичен суд.
„Тоа не е само изолирана акција на луд руски војник, тоа е политика која е поткрепена со знаци дека наредбите претходеле на егзекуции и таквите наредби се извршуваат во различни делови на фронтот. Тоа покажува дека наредбите доаѓаат од високо ниво, повисоко од само офицер на некоја единица“, вели Олександра Романцова од Центарот за граѓански слободни во Украина.
Конкретно, меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ верува дека 10 руски воени команданти се одговорни за злосторствата извршени во градот Мариупол во Украина во 2022 година. На врвот на таа листа е рускиот претседател Путин. МКС издаде налог за апсење на Путин во 2023 година.
„Нашиот извештај бараше претседателот Путин и другите високи офицери да бидат под истрага за воени злосторства извршени во градот во тоа време. Дополнително, државите ширум светот можат да го користат она што се нарекува принцип на универзална јурисдикција за да го уапсат и гонат кој било од овие функционери кои ќе стапнат на нивна територија“, вели Гери Симпсон од „Хјуман рајтс воч“.
Симпсон е автор на извештајот наречен „Нашиот град исчезна“. Над 200 страници од извештајот се посветени на воените злосторства наводно извршени од руската армија за време на нејзината окупација на Мариупол.
„Детално документиравме 14 случаи, во кои беа уништени станбени згради и слично, вклучително и делови од болници како и иконскиот театар во градот; незаконски убиени цивили...“, додава Симпсон.
„Хјуман рајтс воч“, заедно со другите организации за човекови права ширум светот, велат дека ќе продолжат да работат за правдата во Украина.
Facebook Forum