Линкови за пристапност

Прв случај на птичји грип во Македонија


Птичји грип во струшко
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Уништувањето на живината се вршела согласно европските стандарди, а се врши мониторинг во Мороишта и околните села во радиус од три километри, рекоа од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Првиот случај на болеста птичји грип во Македонија деновиве беше откриен во селото Мороишта на пет километри од Струга. Поради заштита од понатамошно ширење на болеста, во селото беа убиени повеќе од 3.000 кокошки и друга живина.

На денешната прес-конференција на Агенцијата за храна и ветеринарство беше кажано дека до овој момент, сите земени брисеви за утврдување птичји грип се негативни. Уништувањето на живината се вршела согласно европските стандарди, а се врши мониторинг во Мороишта и околните села во радиус од три километри. За овие пет дена вирусот не е проширен, но не може да се каже дека е исклучено болеста да се појави на друго место.

Ова е прв случај на птичји грип откриен во Македонија, а надлежните уверуваат дека болеста не може да се пренесе на населението но оти треба да се спречи нејзиното ширење.

Вирусот бил откриен на фарма во селото, а анализи беа направени на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Но на многу семејства со кои Гласот на Америка разговараше ова им бил единствениот извор на егзистенција.

„И тие кокошки што ги имав ги уништија. На соседите им биле земени по сто кокошки. Ние живееме од таа работа. Секоја сабота носам по сто јајца за продажба. Јас не сум вработена, исто така и снаата, од каде приходи?“, вели жителка на Мороишта.

„Се` што имавме живина, се` ни се уништи. Револтирани сме, ако била заболена, требаше да ни` се каже и да се направи брис. Имав околу 30 кокошки и патки, сега немам ништо“, вели Ѓоко Балески жител на Мороишта.

Живината која ќе биде уништена ќе биде запалена во посебна депонија, а граѓаните од страна на државата ќе бидат обесштетени. Овие луѓе велат дека и пред неколку години имало ваква појава, но оти не знаеле што е.

„Добивме позитивен наод на птичји грип АХ5Н8, кој е високо патоген вирус и единствена мерка во овој случај, е убивање и нештетно отстранување на живината. Најдовме дека живина имаме во 105 домаќинства, и попишавме околу 3.000 единки.“, изјави Оливер Ивановски, раководител на државна инспекција за здравствена заштита на животни.

Во меѓувреме се вршеше мониторинг и на околните села. Се земале примероци од животни и онаму каде ќе се утврди присуство на вирусот, најавено е дека ќе се преземат истите мерки.

Додека бевме во Мороишта, екипите на Агенцијата за храна и ветеринарство вршеа дезинфекција и дератизација на селото, но не ни беше дозволено да снимаме.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воведе привремена забрана за лов на диви птици на цела територија на државата како превентива против ширењето на птичјиот грип. Надлежните органи забранија и увоз на живинско месо од региони од земјите каде што веќе се регистрирани случаи на истата болест. Според експертите, пренесувањето на птичјиот грип најчесто е преку дивите птици.

XS
SM
MD
LG