Свет на бројки и шифри е секојдневна работа на Ина. Таа е професорка по математика и компјутерски науки во училиште во регионот на Киев.
Но, тоа не е нејзина единствена работа. На секои три дена, Ина волонтира во локална воена единица. Ја облекува униформата во автомобил. Ина побара да не го користиме нејзиното презиме.
„Едноставно нема време да се оди дома“, вели Ина, која се приклучила на волонтерската единица кога започнале училишните летни одмори.
Таа волонтирала како цивил кога Русија ја нападна Украина, но секогаш чувствувала дека може повеќе.
„Видов оглас дека се потребни жени волонтери. Се двоумев за возраста – имам 51 година, но решив да се обидам. Имам три деца и сакам да ги заштитам“, категорична е Ина.
Полковникот Андриј Верлати добил идеја да основа женска волонтерска единица.
„До први април, мојата единица главно се состоеше од мажи. Но, тогаш беше издадена наредба за зголемување на мерките за мобилизација. И моите војници доброволно се приклучија на различни дивизии на вооружените сили“, вели Верлати.
Полковник Верлати објаснува дека во волонтерската формација можат да се приклучат само оние кои не можат да служат во редовна служба - демобилизирана и пензионирана војска, оние кои не ја исполнуваат возраста за регрутирање и жени.
„На први септември од 120 колку што е вкупниот број волонтери, 94 биле жени. Жените прават се` за да бидат најдобри. Тие се поодговорни и имаат силна мотивација“, додава Верлати.
Жените патролираат низ градот со полиција и работат како стражари. Сите тие тренираат да работат и во мобилните единици за противвоздушна одбрана.
„Сега вежбаме. Командантот го надгледува рускиот дрон на таблет. Одиме до точката, ги обележуваме координатите на дронови, инсталираме митралези и ја исполнуваме целта“, вели Алина, волнтерка во единицата.
Сите жени се од делот на регионот Киев кој беше окупиран на почетокот на војната. Во цивилниот живот, Алина е претприемачка. Нејзината колешка, Лило, е бариста.
„Бев во Буча од почетокот на окупацијата до 11 март. Моите пријатели загинаа за време на окупацијата“, додава Алина.
Ина се сеќава дека го напуштила градот со своите деца и вели дека не сака повторно да се чувствува беспомошно.
„Веќе можам да држам оружје, дури и со една рака. Не смееме повторно да ги пуштиме Русите во регионот на Киев. Не сакам да користам оружје, но морам да бидам подготвена“, вели Ина.
Ина продолжува да ги комбинира и воената работа и наставата. На училиштето, исто така, му недостасуваат наставници.
Нејзиното семејство првично било шокирано од нејзината одлука. Сега велат дека се горди и со нетрпение чекаат да се врати дома по дневните смени.
Facebook Forum