Линкови за пристапност

Наместо за домашните процеси, младите фокусирани кон иселување од државата


Наместо за домашните процеси, младите фокусирани кон иселување од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Причина за незаинтересираноста на младите, лежи во игнорантскиот однос на сите досегашни власти. Според активисти од младински организации, седум од десет млади, никогаш за ништо не биле прашани од локалните и од централните власти. Известува Мики Трајковски

„За младите подобро да се вклучат во структурите на општеството, прво тие треба да бидат слушнати. Кај нас седум од десет млади според истражувањето велат дека никогаш за ништо не биле прашани од локалните и од централните државни власти“, вели Сотир Габелоски, потпретседател на Национален младински совет.

Токму ова се едни од главните причини, поради кои кај младите во земјата, преовладува апатија и немотивираност, односно се незаинтересирани за многу општествени процеси, вели Сотир Габелоски, потпретседател на националниот младински совет.

Во моментот се работи на нов закон за младинско учество и младински политики, бидејќи постојниот од 2020-та година, бил со бројни недоречености и не ги дал посакуваните резултати.

„Инаку законот би донел младите да учествуваат во процесот на креирање на политики како на локално, така и на национално ниво, да го кажат своето мислење, особено за прашањата кои нив лично ги засегаат, преку институционалните механизми кои ги нуди законот и би имале каде квалитетно да го поминат своето слободно време, каде да се образуваат неформално, да учат и творат преку младинските центри и да се влијае врз креирањето на националните политики“, посочува .

Иако со досегашниот закон беше предвидено во секоја општина, да се воспостават локални младински совети, во добар дел од нив тие воопшто не се формирани, додека во само 11 општини низ државата, функционираат младински центри.

„Она што сега го работиме е во консултација со младите е изнаоѓање на решенија како да се надминат овие предизвици и да успееме да ги воспоставиме овие основни механизми за вклучување на младите и механизми за поддршка на младите. Треба да придонесат кон креирање на политики и програми, кои би понудиле некаква надеж на младите да останат во нашата земја“, вели Маријана Анѓелова, генерален секретар на Национален младински совет.

Ако претходно економската ситуација беше главната причина зошто граѓаните, па и младите се иселуваат од државата, сега причините се променети.

„Главна причина зошто младите заминуваат од државата се лошите услови, односно системска поставеност. Лошо образование, здравство, лоши услови за живот и недоволна институционална посветеност на државата за надминување на нивните проблеми“, вели Моника Илиеска Кантарџиоска од Коалицијата на младински организации- СЕГА.

Според некои истражувања седум од десет млади би се иселиле надвор од земјата.

„За жал во последните години се зголемува бројот на млади кои никогаш не би се вратиле назад. Веќе не се само економските причини и вработувањето, сега зборуваме на повисоко ниво за општ поширок квалитет на живот, кој опфаќа социјално дружење, култура, домување“, вели Анѓелова.

„Кога зборуваме за иселувањето како долгогодишен и горлив проблем, тука мора сериозно да се работи и да се направат драстични промени, ако сакаме овој несакан процес барем малку да го ублажиме, дека ќе го запреме тоа тешко дека ќе се случи“, нагласува Габелоски.

Младите, како причина за незадоволство од случувањата во државата ги посочуваат и партизираноста на општеството, вработувањето не по принцип на заслуги туку по принцип на блискост до одредена политичка партија. Затоа идејата, велат од невладиниот сектор, е воспоставување програми, кои ги задоволуваат основните потреби на младите, односно ќе им овозможат потенцијал за развој и успех во земјата, односно квалитетно вработување, домување и образование.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG