Неколку оперски дела беа вовед на годишните награди за човекови права „Магнитски“ во Лондон… Борбата на Тоска од Пучини да го спаси својот љубовник од тортура и тиранија ја постави сцената за емотивна вечер во чест на љубовта, загубата и упорноста.
Вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија Навалнаја, беше наградена за храброст, за нејзината работа, нејзината пожртвуваност и нејзината - и на нејзиното семејство - издржливост во текот на многу години.
Алексеј Навални почина во казнена колонија на Арктикот во февруари. Неговото семејство и колегите веруваат дека тој бил отруен.
Тој, наводно, требаше да биде дел од летната размена на затвореници со која, меѓу другите, беше ослободен рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза. Кара-Мурза ѝ ја додели наградата на Навалнаја.
Сергеј Магнитски беше руски адвокат и даночен советник кој ја разоткри корупцијата на руски владини претставници, додека го застапуваше Hermitage Capital Management, инвестициски фонд основан од Вилијам Браудер.
Магнитски беше уапсен во 2008 година. Тој беше малтретиран и подложен на несоодветен медицински третман во затворот, каде што почина речиси една година подоцна.
“Емоциите се секогаш високи кога се работи за убиство, тортура, злоупотреба. Овде се работи за навистина многу сериозни и многу тажни прашања, но ослободувањето на Владимир Кара-Мурза е една од ретките светли точки во светот на болката.”, вели Вилијам Бродер од кампањата Магнитски.
Знаејќи дека властите во Русија никогаш нема да ја откријат вистината за тоа што се случи со Магнитски во затвор или да ги казнат сторителите, Браудер лобираше во Вашингтон за одговор.
Резултатот беше Законот Магнитски, усвоен од Конгресот на САД во 2012 година, кој обезбеди основа за замрзнување на имотот и забрана за патување на оние кои се сметаат за одговорни за смртта на Магнитски.
Законот оттогаш стана глобален и е основа за санкционирање на прекршителите на човековите права ширум светот. А наградите за човекови права Магнитски се за оние што ќе се спротивстават на нив.
“Ги собираме хероите од целиот свет. Тие стануваат заедница меѓу себе и споделуваат технологии и споделуваат поддршка. И така, тоа стана, како, јас се надевам дека стана како, Нобеловата награда за човекови права.”, вели Вилијам Бродер од кампањата Магнитски.
Меѓу оние кои присуствуваа на церемонијата на доделување на наградите во ноември беше и Марина Литвиненко, чиј сопруг Александар, поранешен офицер на руската служба за безбедност стана истакнат критичар на Путин, и почина во Лондон во 2006 година, откако очигледно беше отруен со радиоактивен полониум.
“Од една страна, навистина сум разочарана што смртта на мојот сопруг не ги освести луѓето колку овој режим е опасен. Од друга страна, сè повеќе луѓе разбираат кој е Путин и што неговиот режим може да им направи на други земји, на други поединци. ", изјави Марина Литвиненко, сопруга на Александар.
Судбината на руските дисиденти беше во мислите на многу присутни.
Facebook Forum