Глас на Америка: Господине Муцунски, минатата недела присуствувавте на Конгресот на Европската народна партија. Кои се пораките од вашите сестрински партии од Европа?
Тимчо Муцунски: Прво благодарам за поканата да гостувам во ова интервју на вашиот ценет медиум. Да, присуствуваме заедно со претседателот Мицкоски, колегата потпретседател Николоски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и кандидатот за претседател на Република Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова. На Конгресот на Европската народна партија кој што имаше за цел да се избере кандидатот на Европската народна партија за претседател на Европската комисија. Во рамките на тој конгрес имавме бројни билатерални средби како со раководството на Европската народна партија, така и со голем број премиери, европратеници, пратеници, членови актуелни на Европската комисија. Генералната порака која што ние ја испративме како делегација е дека е потребно забрзување на процесот на проширување на Европската Унија насочен кон Западниот Балкан и дека очекуваме дека тоа проширување ќе биде базирано врз основа на објективни критериуми, врз основа на мерливи критериуми кои што произлегуваат од стандардите на Европската Унија, а не врз основа на билатерални спорови кои што не соодветствуваат со основачките вредности на Европската Унија. А, тоа што сметам дека ние можевме да го извлечеме како фидбек од разговорите со тие високи претставници како на земјите-членки, така и на самите европски институции е дека по европските избори кои што ќе се одржат во следните месеци, се очекува формирање на нова Европска комисија во која што Европската народна партија секако ќе биде клучен елемент. Таа Европска комисија заедно со Европскиот парламент да работат за придвижување на процесите на европска интеграција во Западниот Балкан со засилена динамика.
Глас на Америка: Бевте и во Виена и остваривте средба со македонската дијаспора. Дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ започна со мобилизирање на македонската дијаспора пред претстојните избори?
Тимчо Муцунски: Дефинитивно. Ние сме започнати со тој процес уште веќе пред неколку недели, ако не и пред неколку месеци. Сметаме дека македонската дијаспора е клучен дел од македонската држава од секоја возможна гледна точка и сметаме дека истата е навистина запоставена во последните години – нешто што може да се промени со формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но нашиот апел кон тие луѓе е сега веќе е потребна мобилизација бидејќи и тие ги чувствуваат недостатоците во македонската држава и начинот на владеење во последните години и затоа кај нив апелираме за мобилизација. Мобилизација насочена кон поддршка за ВМРО-ДПМНЕ за да може ВМРО-ДПМНЕ потоа да формира стабилна влада и да движи Македонија, но и да ги движи и нивните интереси како интегрален дел од нашата држава во посакувана насока.
Глас на Америка: ВМРО-ДПМНЕ ги објави носителите на изборни единици, генерално проверени кадри, а единствено изненадување е г-динот Драган Ковачки. За изборната единица пет се уште тактизирате. Кои имиња се во игра?
Тимчо Муцунски: Ние вршиме анкетирање на широк круг на луѓе. Не би можел во моментов да конкретизирам со имиња, тоа што ќе го кажам е дека секако која личност и да биде избрана за носител во изборната единица пет, ќе биде личност со висок морален и етички интегритет и со професионален кредибилитет. Сметаме дека со сигурност ќе ја имаме победничката опција во сите изборни единици во Република Македонија на парламентарните избори.
Глас на Америка: Колку ВМРО-ДПМНЕ е расположена во комбинациите за пратеници во првите десет места да бидат имиња на вашите коалициони партнери?
Тимчо Муцунски: Секако нашата коалиција ќе има свои места на пратеничките листи. Во завршна фаза се разговорите со коалиционите партнери и сметам дека до крајот на месецот ќе биде и јавно објавен коалициониот договор за следните парламентарни и претседателски избори и потоа секако во тие денови ќе следува објавувањето на пратеничките листи, но несомнено наши коалициони партнери ќе имаат свои места на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ.
Глас на Америка: Ќе има родова застапеност на листите кои ги подготвувате?
Тимчо Муцунски: Апсолутно. Тоа е примарно и законска обврска. Значи, не е прашање на избори има и законска обврска за тоа, но наше е да се обидеме да ги надминеме и тие минимални законски прагови кои што ги има бидејќи сметаме дека тоа е еден современ тренд кој што треба да го практикуваме.
Глас на Америка: На претседателските избори решивте да одите со истата кандидатка од претходните избори. Со што ја задржа довербата кај вас госпоѓата Гордана Силјановска Давкова?
Тимчо Муцунски: Професорката Силјановска е истакнат научник. Тоа сите многу добро го знаеме. Но, таа се покажа и како вешт, умешен и принципиелен политичар во последните скоро четири години застапувајќи ги интересите на граѓаните во македонското собрание. Според мене, беше една од најуспешните и најактивните пратеници во последниот собраниски состав и покажа дека умее да практикува позитивна, конструктивна политика, политика насочена кон решавање на проблемите на граѓаните. И во таа насока, не треба да биде никакво изненадување според фактот што таа е нашиот кандидат за претседател на Република Македонија. Покрај теоријата каде што е апсолутно суверена, таа е еден од најврвните експерти по уставно право и политички систем во Република Македонија, покрај таа теоретска потпора што ја има, сметам и во пракса покажа дека знае како да функционира и да работи во тие институции кои што се најзначајни за развојот на државата.
Глас на Америка: На што ќе се фокусира изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, дали на надворешна политика, економија или пак борбата со корупцијата и криминалот?
Тимчо Муцунски: Секако, политичка програма на сериозна партија која што претендира да ги превземе институциите на системот, мора да има елементи кои што се поврзани со сите овие сегменти што ги спомнавте вие. Но, примарно, ние ќе бидеме фокусирани на домашните односно на внатрешните реформи. Борбата против корупцијата која што е еден од најголемите предизвици во државата, воспоставување на систем на владеење на право, добри економски политики кои што ќе отворат нови работни места, ќе привлечат странски директни инвестиции, но и ќе ја стимулираат домашната економија, добра земјоделска политика, инвестиции во здравство и во образованието. Сметам дека сето тоа ќе биде дел од нашата изборна програма и ќе има политики во кои што ќе се препознае секој наш граѓанин, но и политики кои што понатаму ќе се преточат во владина програма, владина програма која што ќе има за цел да ја направи Македонија во периодот од 2024 до 2028 година поубаво место за живеење.
Глас на Америка: Првиот круг од претседателските избори е пробен балон со кој ќе се предвиди исходот на парламентарните избори. Дали би ја испратиле ДУИ во опозиција или има простор за коалицирање?
Тимчо Муцунски: Нашата цел несомнено и тоа повеќе пати го изјавуваме е дека е добро за Македонија, а и добро за ДУИ како политички субјект е да заминат во опозиција. Сметаме дека се зрели условите за такво нешто и анкетите на јавното мислење тоа ни го покажуваат. Затоа очекувам по парламентарните избори да биде формирана после долги години првата влада без ДУИ.
Глас на Америка: Со кого планира да коалицира ВМРО-ДПМНЕ од партиите од албанскиот блок?
Тимчо Муцунски: И тоа сме го изјавиле. Несомнено сметаме дека ќе има простор за компатибилност со албанската опозиција, но во моментов нашиот фокус не е за денот по изборите, сега работиме за денот до изборите, односно структуирање на добра програма, структуирање на добра кампања, позитивна кампања, кампања во која што сите граѓани ќе се препознаат, кампања која што ќе понуди добри политики, а од 9. Мај натаму веќе ќе навлеземе во подетална анализа на тие прашања.
Глас на Америка: Господине Муцунски, за крај на овој разговор, доколку вашата партија победи и формира влада, како ВМРО-ДПМНЕ ќе го реши проблемот со Бугарија и впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав?
Тимчо Муцунски: Тоа е проблем кој што го создаде актуелната влада пред се’ бидејќи води попустлива надворешна политика и незрела надворешна политика. Ние сме кажале повеќе пати ваквиот тип на одлучувања кои што се спротивставени со националните интереси на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ не ги прифаќа. Затоа велиме ние, треба да се има, да, поактивен пристап и повеќе пати сме нуделе решенија. Дали е ретроактивната примена на евентуални уставни измени, дали е создавање на еден процес кој што ќе вклучи покрај гаранции од европските институции за Република Македонија, така и признавање од страна на нашиот сосед Бугарија за реалноста, признавање на реалноста која што ја има во Бугарија, а е поврзана со македонското малцинство и правата кои што за жал не ги ужива тоа малцинство во таа земја членка на Европската унија. Сметаме дека доколку има интерес и разумност од сите страни може да се најде некое решение, но тоа да биде решение кое што ќе ги заштити националните интереси на нашата држава, ќе го заштити дигнитетот на нашиот народ и секако природно ќе го поуспеши европскиот пат наместо да создава условувања кои што дополнително ги кочат процесите.
Facebook Forum