Линкови за пристапност

Со децении на дното од Охридското Езеро стојат т.н. мрежи „духови“ од нелегален риболов


Со децении на дното од Охридското Езеро стојат т.н. мрежи „духови“ од нелегален риболов
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00

Мрежите духови се од нелегален риболов, а неодамна беа извадени со вкупна должина од четири километри. Некои од тие мрежи можат со децении да опстанат на тој простор, со што го спречуваат природното мрестење на пастрмката, предупредуваат стручни лица и активисти. Известува Мики Трајковски

Мрежи „духови“ ја убиваат пастрмката во Охридското Езеро

Овие риби, школки, ракови, птици се само дел од богатиот плен на т.н „мрежи духови“, кои со години, а некои и со децении, гнијат на дното на Охридското Езеро и се сериозна закана по опастанокот на живиот свет во него. Мрежи духови се нарекуваат затоа што всушност тие ловат без престан и во себе ги задржуваат изумрените организми, кои понатаму се распаѓаат, објаснува Душица Илиќ Боева од Хидробиолошкиот завод во Охрид.

„Во спецификата на нашето езеро на Охридското Езеро, овие мрежи најмногу се наоѓаат на тој каменест супстрат, а тука се наоѓаат и рибните природни пловишта на пастрмката, и тогаш штетата е двојна. Таму каде има трулеж на месо, пастрмките нема да дојдат да се мрестат, туку ќе ги избегнуваат овие локалитети или живеалишта“, вели Илиќ Боева.

„Од присуството на овие изумрени единки во мрежите, тие мрестилишта повторно не се раѓаат, така да тие риби се принудени да бараат нови мрестилишта, и со тоа директно го загрозуваат рибниот фонд во езерото“, вели Јован Секулоски, претседател на Нуркачки центар „Амфора“-Охрид.

Во неодамнешна акција, како дел од кампањата „Наша гордост, наша одговорност“, на компанијата Скопско, беа извадени 89 мрежи со должина од речиси 4 километри. Добар дел од мрежите биле извадени од истите места, кои во минатото веќе биле исчистени од „мрежи духови“.

„Мрежите се од нелегален риболов и не се само нови мрежи. Во самите мрежи има и кончани, кои со децении можат да опстанат на тој простор. Разликата е во тоа што кончаните не можат да се рециклираат, а најлонските можат да се рециклираат“, објаснува Душица Илиќ Боева.

Мрежите се со различна големина, и се користеле при лов на различен вид на риба.

„Тие се со димензии на окца од 10 милиметри до 165 милиметри. Што значи цел дијазапон за сите можни видови кои живеат во Охридското Езеро, од кои најмногу 55 посто беа со димензии на окца од 40, 45, 50, 55 милиметри за ловење на пастрмка“, посочува Илиќ Боева.

Во рамките на акцијата од страна на нуркачкиот центар „Амфора“, беа направени 98 нуркања, дел од нив, кои имале за цел лоцирање на местата, каде се наоѓаат овие мрежи.

„Овие мрежи се на длабочина од 10 до 70 метри. Знаејки дека рекреативната нуркачка длабочина за максималниот лимит е 40 метри, ние нуркавме до 70 метри, и затоа беа потребни нови методи на вадење на овие мрежи, вклучувајки и користење на мешавина на гасови, за таква активност на дишење“, вели Јован Секулоски од „Амфора“.

Боева се сомнева дека има уште многу вакви мрежи на езерското дно. Смета дека станува збор за билатерален проблем, кој мора заеднички да го решаваат Северна Македонија и Албанија.

„Ова е активност која бара годишно работење и на многу поголем обем. Ова е потребно да биде билатерална активност во едно и на заедничкиот комитет на рибарство на Северна Македонија и Албанија, која е предложена како мерка, да биде заеднички спроведувана“, смета Боева.

Акции за вадење на „мрежи духови“ имаше во 2017 и 2023 година. Живите единки пронајдени заплеткани во овие мрежи, се враќаат веднаш во езерото, додека оние, кои се во фаза на распаѓање, преку биометриска обработка и одредеување на видовиот состав се користат за понатамошни проценки, за тоа колкава е штетата, која се прави врз рибниот фонд во езерото.
Мрежите, пак, кои можат да се рециклираат, ќе бидат искористени, од нив да се произведат нови производи кои би се користеле во иднина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG