Линкови за пристапност

Москва наводно го уапсила Суровикин поради сомнеж за поврзаност со „Вагнер“


Прашањата за тоа каде се наоѓа генералот се вртат со денови бидејќи не беше виден во јавноста од 24 јуни, кога паравоената група „Вагнер“ тргна кон Москва
Прашањата за тоа каде се наоѓа генералот се вртат со денови бидејќи не беше виден во јавноста од 24 јуни, кога паравоената група „Вагнер“ тргна кон Москва

Изгледа дека руските власти го привеле генералот Сергеј Суровикин поради неговата осомничена поврзаност со побуната на „Вагнер“ минатата недела, според извештаите на медиумите.

Специфичните детали околу статусот на Суровикин остануваат нејасни, но највисоките руски и американски функционери рекоа дека високиот генерал е приведен, објавија во четвртокот „Фајненшл тајмс“ и „Њујорк тајмс“.

Прашањата за тоа каде се наоѓа Суровикин се вртат со денови бидејќи генералот не беше виден во јавноста од 24 јуни, кога паравоената група „Вагнер“ тргна кон Москва.

За Суровикин се знаеше дека има добри односи со водачот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин.

Не е јасно дали Суровикин, заменик-командантот на руските инвазивни сили во Украина, е формално обвинет за учество во побуната или само е приведен на испрашување.

Но, Москва сè уште јавно не потврдила што му се случило.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека не може да ја разјасни ситуацијата со Суровикин и рече дека новинарите треба да контактираат со Министерството за одбрана.

Суровикин се појави во видео во саботата во кое ја повикува групата „Вагнер“ да ги прекине сите потези против армијата и да се врати во нивните бази.

Неговата ќерка Вероника изјави дека со нејзиниот татко „се` е во ред“.

„Искрено, не, ништо не му се случило. Тој е на работа“, изјави таа за рускиот весник „База“.

„Кога се појавувал во медиумите секој ден? Никогаш не давал никакви изјави секој ден“, рече таа.

„Како што разбирам, сè тече како што вообичаено се случуваат работите. Секој е на своето работно место. Сè е во ред“.

Пригожин пристигна во Белорусија претходно оваа недела на покана на белорускиот претседател Александар Лукашенко како дел од договорот за запирање на побуната.

Сè уште не е јасно каде е Пригожин во Белорусија, колку борци го придружуваа или колку долго планира да остане таму.

Песков во четвртокот им рече на новинарите дека нема информации за локацијата на Пригожин.

Американскиот претседател Џо Бајден во средата изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин е „апсолутно“ ослабен во Русија поради бунтовничките напори на Пригожин.

Руската редакција на Гласот на Америка придонесе за овој извештај. Дел од информациите се од Асошиетед прес, Франс- прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG