Линкови за пристапност

Рускиот министер за одбрана се појави на телевизија по бунтот на Вагнер


САД велат дека активностите на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин покажуваат „многу сериозни пукнатини“ во владеењето на претседателот Путин
САД велат дека активностите на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин покажуваат „многу сериозни пукнатини“ во владеењето на претседателот Путин

Руската државна телевизија во понеделникот прикажа видео од посетата на министерот за одбрана Сергеј Шојгу со војниците во неговото прво јавно појавување по кусиот бунт на платеничкиот водач Евгениј Пригожин и неговите сили.

Во извештајот не е прецизирано кога и каде Шојгу се сретнал со војниците и командантите кои се идентификувани како дел од руската инвазија на Украина.

Соединетите Држави во неделата рекоа дека бунтот на Пригожин против руското воено раководство покажа „многу сериозни пукнатини“ во дводецениското владеење на претседателот Владимир Путин и „ја доведуваат во прашање самата премиса“ на неговата 16-месечна војна против Украина.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен за емисијата „Оваа недела“ на Еј-Би-Си изјави дека војната „е катастрофален стратешки неуспех за Путин на буквално секој фронт - економска, воена, геополитичка положба“.

„Гледаме пукнатини кои се појавуваат“, рече Блинкен за бунтот на Пригожин насочен против Путин.

„Каде одат, ако одат некаде, кога ќе стигнат таму, многу е тешко да се каже. Не сакам да шпекулирам за тоа. Но, мислам дека не го видовме последниот чин“, рече Блинкен.

Највисокиот американски дипломат рече дека последиците од напредувањето на Вагнеровата група на Пригожин во саботата во Москва, пред наглото повлекување малку пред да стигне до руската престолнина е „сè уште подвижна слика“, а исходот е неизвесен.

Путин го нарече Пригожин, долгогодишен сојузник чии војници се бореле заедно со руските сили во Украина, предавник затоа што се свртел против неговиот авторитарен режим. Тогаш рускиот лидер рече дека Пригожин нема да биде кривично гонет и му дозволи да замине во соседна Белорусија, руски сојузник, според договорот што го преговараше белорускиот лидер Александар Лукашенко.

Русија рече дека на платениците на Пригожин кои не се приклучиле на краткотрајниот бунт ќе им биде дозволено да потпишат договори за борба со руската армија во Украина, но Блинкен рече дека не е јасно што ќе се случи сега со платениците кои го следеа Пригожин во Русија и се упатија кон Москва пред Пригожин го откажа напредувањето на неговата војска.

„Краткиот одговор е дека не знаеме“, рече Блинкен.

На прашањето што се случува со Пригожин во Белорусија, освен неговата амнестија, Блинкен призна: „Едноставно не знаеме“.

Многу од силите на групата Вагнер се осудени криминалци кои Пригожин ги намамил на воениот фронт да се борат шест месеци во замена за ослободување од затворските казни, доколку преживеат. Но, тие беа слабо обучени и илјадници од нив беа брзо убиени на фронтот.

Блинкен рече дека превирањата создадени во Русија од протестот на Пригожин „може да им помогнат на Украинците на борбениот фронт“.

Но, Дејвид Петреус, пензиониран генерал на американската армија и поранешен началник на Централната разузнавачка агенција, за емисијата „ Состојба на Унијата“ на Си-Ен-Ен изјави дека „за жал тоа немало значаен ефект на првите линии на фронтот“. Но, тој, исто така, рече дека протестот на Пригожин го остава Путин „поранлив отколку што некогаш бил во последните две децении“.

Сепак, како Блинкен, Петреус рече дека остануваат „многу, многу непознати“ во одредувањето на севкупниот ефект од пресметката Путин-Пригожин.

Лукашенко преговараше за договорот со шефот на групата Вагнер, соопшти неговиот кабинет, со одобрение на Путин. Лукашенко рече дека лично се познава со Пригожин 20 години.

На прашањето дали ќе има какви било кадровски промени во руското Министерство за одбрана како дел од договорот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите: „Овие работи се единствена привилегија и во надлежност на Врховниот командант (Путин) во согласност со со уставот на Руската Федерација. Затоа, малку е веројатно дека овие теми би можеле да се разговараат во текот на горенаведените контакти“.

Рускиот портпарол не откри дали имало отстапки за да се убеди Пригожин да ги повлече сите свои сили, освен гаранциите за неговата безбедност, нешто за што рече дека Путин дал збор и за безбедноста на луѓето на Пригожин.

Претходно во саботата, Пригожин и неговите борци стигнаа на околу 200 километри од Москва пред да им нареди на своите луѓе да го запрат напредувањето, да го свртат својот конвој и да се вратат во своите бази во Украина за да избегнат крвопролевање.

Некои информации за оваа содржина дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG