Линкови за пристапност

Русија повеќе не може да го крие својот хаос, вели Зеленски


Русија долго време користеше пропаганда за да ја прикрие својата слабост и глупоста на нејзината влада. И сега има толку многу хаос што ниту една лага не може да го скрие, рече украинскиот претседател
Русија долго време користеше пропаганда за да ја прикрие својата слабост и глупоста на нејзината влада. И сега има толку многу хаос што ниту една лага не може да го скрие, рече украинскиот претседател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата реагираше на ситуацијата во Русија, каде платеничката група „Вагнер“ предводена од Евгениј Пригожин, ја презеде контролата над рускиот воен штаб во градот Ростов на Дон.

Зеленски во објава на Твитер рече: „Русија долго време користеше пропаганда за да ја прикрие својата слабост и глупоста на нејзината влада. И сега има толку многу хаос што ниту една лага не може да го скрие“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, твитна порака до меѓународната заедница, барајќи од неа да се откаже од, како што ја нарече, „лажна неутралност“ во однос на Русија и да ѝ снабди на Украина оружје што ѝ е потребно за да се одбрани од рускиот упад.

Белата куќа соопшти дека го следи судирот меѓу највисоките руски воени претставници и силите на „Вагнер“ и дека ќе се консултира со сојузниците и партнерите за развојот на настаните, изјави во петокот за Гласот на Америка портпаролот на Советот за национална безбедност Адам Хоџ.

Британското министерство за одбрана во саботата соопшти дека лојалноста на руските безбедносни сили и „особено на руската Национална гарда“ ќе бидат клучни фактори за тоа како на крајот ќе се одвиваат вонредните настани што се случуваат во Русија.

Во Франција, кабинетот на претседателот Емануел Макрон соопшти дека претседателот е фокусиран на „поддршката за Украина“.

Рускиот претседател Владимир Путин ги предупреди платениците од групата „Вагнер“ дека вооружената побуна е предавство и секој што ќе земе оружје против Русија ќе биде казнет.

Путин вети, во вонредно телевизиско обраќање, дека ќе преземе решителна акција за стабилизирање на Ростов на Дон, град на југот на Русија, каде што шефот на Вагнер Евгениј Пригожин рече дека неговите сили ја презеле контролата врз сите воени постројки.

„Тоа е удар за Русија, за нашиот народ. И нашите постапки за одбрана на татковината од таква закана ќе бидат сурови. Сите оние кои намерно стапнаа на патот на предавството, кои подготвија вооружен бунт, кои тргнаа по патот на уцена и терористичките методи, ќе претрпат неизбежна казна, ќе одговараат и пред законот и пред нашиот народ“, рече Путин, нарекувајќи ја акцијата на групата „Вагнер“ „нож во грб“.

Претходно во саботата, Русија соопшти дека во Москва е воспоставен режим на антитерористичка операција, откако Пригожин вети дека ќе го собори руското воено раководство.

Русија апелира до платениците на „Вагнер“ да се откажат од организацијата и нејзиниот водач.

Руското министерство за одбрана во соопштението, објавено на Телеграм, упатено до борците платеници, рече дека тие биле измамени и вовлечени во „криминална авантура“ организирана од Пригожин.

Пригожин рано во саботата рече дека неговите сили ја презеле контролата врз штабот на руската армија во Ростов и дека неговите сили ги контролираат воените локации во градот.

Дел од информациите во текстот се од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG