Линкови за пристапност

Моника Зајкова од Вашингтон: Изборите во САД беа одраз на високиот степен на демократија во државата


Пратеничката во Собранието на Северна Македонија и претседателка на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, за Гласот на Америка на македонски вели дека претседателските избори во САД поминале во фер, демократска и мирна атмосфера со висок степен на демократија.

Пратеничката во Собранието на Северна Македонија и претседателка на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, за Гласот на Америка на македонски вели дека претседателските избори во САД поминале во фер, демократска и мирна атмосфера со висок степен на демократија.

„Навистина интересно е да се следи тука процесот бидејќи е малку поразлично. На пример пред самите избирачки места има одредено на колку метри можат да стојат на денот на изборите промотори на кандидатите и да ги обучуваат гласачите по делот на гласањето односно ве прашуваат дали сте за демократите или републиканците, дали ви треба помош во делот на пополнување на ливчето. Меѓутоа, висок степен на демократија, сметам дека треба да е пример за сите европски држави како се спроведуваат фер и демократски избори, мирна атмосфера во избирачките места. Ние набљудувавме во Вашингтон, но и во Вирџинија. Во Вирџинија интересно беше тоа што 45 отсто од гласачите беа веќе изјаснети на можноста за предвремено гласање – систем кој што го дозволува американскиот Устав, но сепак имаше зголемен интензитет на луѓе кои што доаѓаа да го остварат своето право на глас. Во Вашингтон уште на самото отворање гласачките кутии се отвораа во седум часот, ние бевме од шест часот за да го следиме и процесот на подготовка“, изјави Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на Либерално-демократската партија.

Зајкова забележува дека граѓаните на САД имаат висок степен на разбирање за значењето на правото на глас, кое го практикуваат со гордост, како должност и привилегија.

„Можеше да се види дека се чекаат редици од страна на луѓето за да го остварат своето право на гласање, што значи дека е висока свесноста за тоа што значи правото на глас и дека навистина граѓаните се тие кои што одлучуваат. Јас им честитам на Соединетите Американски Држави за фер и демократските и слободни избори кои што ги организираа. Честитам на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, но и за пофалба е она што вчера го направи кандидатката на демократите, Камала Харис, со признавање на изборите и подавање на рака за помош и соработка односно коректив на она што би следело од страна на новиот претседател и неговата администрација“, изјави таа.

Пратеничката Моника Зајкова вели дека најголем впечаток и оставила „Иницијативата 83“, со која се бара можност за гласање на отворени листи, нешто за што се залага и нејзината партија во Северна Македонија.

„Во Вашингтон се гласаше не само за претседателски кандидати, се гласаше и за претставници во Сенатот и во Конгресот, но и интересно е што се гласаше за одредени иницијативи. Мене она што ми остави впечаток е „Иницијативата 83“ со која што всушност се бара можноста за преференцијално гласање на отворени листи, нешто што всушност и ние сакаме да го воведеме во македонскиот систем каде граѓаните би гласале отворено со преференција за личноста која ја бираат да ги претставува“, рече Зајкова.

Освен Моника Зајкова во САД како дел од македонската собраниска делегација која ги набљудуваше изборите беа и пратениците Никола Мицевски и Халил Снопче.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG