За жал, техничкиот аранжман што е потпишан меѓу министрите не е заверен во министерството. Тоа е проблем за кој мораме да најдеме начин правно да го затвориме.
Ова го денеска го истакна министерот за одбрана, Владо Мисајловски, одговарајќи на прашање од Гласот на Америка до каде е процесот за набавка на осум армиски хеликоптери. Набавката ќе биде од италијанската компанија „Леонардо“, целиот проект вреди 249 милиони евра, а беше потпишан во времето на претходната министерка за одбрана, Славјанка Петровска.
Како што истакна Мисајловски, за хеликоптерите, во времето на претходното раководство на министерството за одбрана веќе бил исплатен аванс од 39 милиони евра. Во јануари треба да се исплатат уште 35 милиони евра.
„За да ги исплатиме тие средства и за да почнеме со сите постапки, ние ќе направиме сè за правно и правилно да влеземе во целиот процес. Ќе има ревизија на сето ова, која веќе се прави. Имаме сопственa служба која го проверува сето ова“, рече Мисајловски.
Славјанка Петровска, пак, која беше на чело на министерството за одбрана кога се склучи договорот за хеликоптерите, вели дека процесот на одлучување траел три години и не смета дека се направени пропусти.
„Верувам дека тимот и комисијата за набавки, која е независна од министерот, постапила согласно законските прописи и процедури и дека апсолутно, договорот што е склучен и сите останати документи се правно валидни и се обврзувачки“, вели Петровска во изјава за Гласот на Америка.
Петровска додава: „Не го гледам тоа како проблем, доколку такво нешто е констатирано. Тоа е макотрпен процес, три години спроведуван од експерти во министерството и армијата“.
За внатрешната ревизија во однос на набавката, Петровска е категорична дека сите процедури се одвивале „согласно внатрешните процедури и согласно законите“.
Според одлуката, ќе бидат набавени четири хеликоптери од типот AW149 и уште четири од типот AW169M. Производител е италијанската компанија „Леонардо“, а целата набавка ќе се изведува во периодот од 2026 до 2028 година. Договорот вклучува и техничка поддршка, обука за пилоти, како и изградба на хангар за хеликоптерите.
Facebook Forum