Линкови за пристапност

Минералното богатство на Гренланд стана поатрактивно после изјавите на Трамп


Минералното богатство на Гренланд стана поатрактивно после изјавите на Трамп
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Минералното богатство на Гренланд е во центарот на вниманието откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека сака да ја преземе контролата врз островот од Данска. Но, рударската индустрија на Гренланд се бори за опстанок. Хенри Риџвел известува од главниот град на Гренланд, Нук.

Белата планина ја добива својата остра боја од карпите анортозити - богати со наслаги на калциум и други минерали. Тоа е единствениот активен рудник на Гренланд.

Анортозитот се испорачува низ целиот свет за да се направат фиберглас, бои, цемент и пластика.

„Гренланд е земја полна со минерали. Имаме, буквално, минерали достапни насекаде“, вели Бент Олсвиг Јенсен, од „Lumina Sustainable Materials“.

Тие вклучуваат елементи од ретка земја кои се клучни за зелените технологии - чии синџири на снабдување во моментов доминираат од Кина.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска - потег неопходен, според неговите зборови, за „меѓународната безбедност“.

Гренланд и Данска ја отфрлија ваквата идеја. Но, рударските компании мислат поинаку.

„Неговиот интерес за Гренланд всушност може да ѝ помогне на индустријата да добие пристап до дополнителни инвестиции, кои се потребни за да се развие индустријата на Гренланд. Така да, дефинитивно го поздравувам. И, мислам дека е важно и од страна на индустријата, но и од политичката страна на Гренланд да се позиционираме кон Трамп и САД“, вели Јенсен.

Министерката за минерални ресурси на Гренланд, Наја Натаниелсен, вели дека Гренланд е отворен за бизнис - но не и за продажба.

„Ние сакаме американски инвестиции. Ние сакаме соработка со Стејт департментот на САД и веќе некое време се залагаме за тоа“, посочи Натаниелсен.

Гренланд потпиша договор со Трамп за време на неговата прва администрација во 2019 година за зајакнување на рударската индустрија. Но, инвестициите недостасуваа.

„Веќе многу години, видовме дека кај инвеститорите има одредено колебање да се вклучиат во високоризични, долгорочни проекти“, додава Натаниелсен.

Ризикот не секогаш завршува со награда. Рубини и розови сафири се вадеа во рудникот Аполитог до 2023 година кога операторот Гренланд Руби банкротираше.

Владата на Гренланд се надева дека нејзиното минерално богатство еден ден може да обезбеди економска основа за целосна независност од Данска.

„Ако сакате минерали надвор од земјата и економски да ја финансирате самодоволноста на Гренланд, тогаш ќе треба да го вклучите во меѓународната преработка. И, тогаш веројатно ќе треба многу внимателно да размислите како да се осигурате дека овие рударски проекти навистина имаат корист за луѓето кои живеат блиску до нив, наместо да бидат нова верзија на империјалистичко ископување“, смета Улрик Прам Гад од Данскиот институт за интернационални студии.

Има очигледни логистички предизвици. Гренланд е под мраз во поголемиот дел од годината - иако климатските промени ги прават зимите пократки. Има малку патишта. Поголемиот дел од големиот остров е арктичка пустина.

„Потребно е време да се развие проект од рана фаза на истражување, уште пред да имате рудник од каде што можете да копате и да продавате“, додава Јенсен.

Жителите на Гренланд се надеваат дека политичките главоболки што ги предизвика вниманието на Трамп еден ден ќе се исплатат, што ќе донесе богатство - па дури и државност - на овој далечен, арктички остров.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG