Во последниве месеци, илјадници луѓе пристигнаа во кампот Буленго за внатрешно раселени лица во близина на Гома во Демократска Република Конго.
Тие бегаат од борбите меѓу конгоанската армија и бунтовничките групи М23. Фаида Баума пристигнала со своите четири деца.
„Погледнете во какви услови живееме. Кога врне овде, ние страдаме. Погледнете каде спиеме, кога врне мора да ги свиткаме душеците. Тука ќе умреме. Луѓето се дури и силувани“, вели Баума.
Конфликтите и насилството го доведоа бројот на внатрешно раселените луѓе ширум светот на нов рекорд, се вели во новиот извештај на Центарот за мониторинг на внатрешно раселување со седиште во Женева. Речиси половина живеат во субсахарска Африка.
Речиси 76 милиони луѓе на глобално ниво беа принудени да ги напуштат своите домови во 2023 година и живеат на друго место во нивните земји - многумина во кампови или импровизирани сместувања. Тоа е зголемување од речиси 50 отсто во последните пет години.
„Половина од оваа бројка доаѓа од само пет земји, вклучувајќи ги Судан, Демократска Република Конго, Колумбија, Јемен и Сирија. Овие земји обично не се среќаваат низ медиумите“, вели Ивана Хаџзманова, од Центарот за мониторнинг на внатрешното раселување.
Судан има најголемо внатрешно раселено население во светот со повеќе од 9 милиони луѓе. Повеќето беа принудени да ги напуштат своите домови по избувнувањето на последниот граѓански конфликт во април 2023 година.
„Многу од нив беа принудени да се движат повеќе пати. Така, видовме семејства како се оддалечуваат од Картум, одат во регионите на Дарфур, се движат низ целата земја. Се разбира, ние сме многу загрижени за нивните потреби и нивните ранливости, затоа што со секое ново поместување, нивната еластичност се намалува“, додава Хаџзманова.
Четворица од пет Палестинци биле принудени да ги напуштат своите домови во Појасот Газа поради конфликтот меѓу Израел и Хамас, според авторите на извештајот. Со затворени граници, повеќето немаат каде безбедно да одат.
„Неодамнешните проценки на ОН укажуваат на фактот дека ќе бидат потребни околу 80 години за да се обнови сè што беше уништено во Појасот Газа. Повеќето од луѓето кои моментално живеат во Газа и кои се раселени, нема да ги видат нивните куќи повторно изградени за време на нивниот живот“, посочува Хаџзманова.
Скоро 8 милиони внатрешно раселени луѓе беа принудени да избегаат поради природни катастрофи. Земјотресот во февруари 2023 година што ги погоди Турција и Сирија предизвика 4,7 милиони раселени.
Циклонот Фреди, кој ја погоди јужна Африка во февруари и март минатата година, принуди 1,4 милиони луѓе да бидат раселени.
Facebook Forum