Линкови за пристапност

Менди Ќира: Минималната плата да се покачи до 500 евра, но придонесите да се намалат


Менди Ќира: Минималната плата да се покачи до 500 евра, но придонесите да се намалат
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:40 0:00

Разговор со Менди Ќира, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија за синдикалните барања на работниците, за можностите и потребите на регионот.

Глас на Америка: Дали како Стопанска комора на Северозападна Македонија сте за зголемување на минималната?

Менди Ќира: Минималната плата мора да се подигне на 500 евра, но под услов придонесите да се намалат на 32 отсто или пак до минималната плата од 500 евра да не се плаќаат придонеси. За тој предлог ние сме секогаш. Знаеме дека минималната плата е многу ниска, и тоа води кон иселување на работната сила што е дефицитарна во Македонија. Сакаме да ја подигнеме минималната плата, меѓутоа бараме од Владата во придонесите да помагаат, бидејки се највисоки во регионот. Кај нас се 47,5 отсто за мининмалната плата, плус имаме прогресивни придонеси. Ако ние ја зголемиме платата на 1000 евра, тогаш ќе платиме 57,9 отсто за придонеси, што значи дека е дестимулативна мерка за кревање на платата.

Глас на Америка: Премиерот Христијан Мицкоски, пред неколку дена изјави дека Владата во буџетот нема пари за субвенционирање на минималната плата...

Менди Ќира: Ние не бараме субвенционирање во овој случај. Ние бараме да даваме плата, а за тие повеќе пари да не се плаќаат придонеси. Ако во Фондот за ПИОМ, сега влегуваат 10 милиони евра, ние не велиме да ги намалиме, туку велиме да останат тие 10 милиони, меѓутоа платите да ги подигаме за работниците, но од друга страна за тие 6.000 денари да не се плаќаат придонеси.

Глас на Америка: Сметате ли дека ќе се најде компромисно решение?

Менди Ќира: Ние сме во контакт со премиерот и Владата и веруваме дека ќе најдеме заеднички јазик. Мислиме (прашањето) да го решиме засекогаш, како што е во регионот, како што е во некои држави, кои најдоа начин како да го направат тоа, како на пример Црна Гора. Значи мора да ги намалиме придонесите. Ние сакаме парите кои се даваат надвор од овој систем да се вратат во системот. Тие можат да се вратат, ако се намалат придонесите. За микро и малите претпријатија, кои имаат по двајца или тројца вработени, а пријавуваат еден, заради придонесите кои се големи, да се преземе мерка, сите да се пријават и со тоа и тие да плаќаат придонеси и така ќе се зголеми буџетот на Фондот за здравство, и пензиско и инвалидско осигурување.

Глас на Америка: Доаѓате од градежниот сектор. Дали треба да се зголеми квотата увоз на работници од други држави, со оглед на големиот проблем со кој државата се соочува?

Менди Ќира: Ние имаме, како комора, побарано да се зголеми квотата. Тогаш беше 5.000, а сега е зголемена на 10.000 работници, не само за градежниот сектор, туку и во туризмот и земјоделието има голема потреба од работници. Многу споро се добива работна виза поради административни проблеми и тука сакаме да се редуцираат процедурите. Иако сега е 10.000 квотата, ние не можеме до крај на годината и тие 10.000 да се вработат од странство иако е потребно околу 20.000 според нашите сознанија. Мораме да најдеме начин тие работи да ги решиме, (можеби) слично како во Албанија, на електронски начин. Треба да се најде начин за да добиеме работна сила, инаку ќе бидеме во тешка ситуација.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG