Мексико распореди војници низ целата земја за да го заштити населението тешко погодено од организираниот криминал. Најголем број војници се испратени во пограничниот град Тихуана, изјави бригадниот генерал на мексиканската армија Висенте Мандујано.
„Мексиканската влада испраќа 2.000 војници за да ја зајакне стратегијата за јавна безбедност и да ги заштити граѓаните. Целта е да се ограничат убиствата поврзани со организираниот криминал“, вели Мадухано.
Областа Тихуана има една од највисоките стапки на убиства во земјата, а убиства се случуваат секој ден. Но, смртоносното насилство поврзано со организираниот криминал не е само тука.
Според Министерството за одбрана на Мексико, повеќе од 3.000 војници и членови на Националната гарда биле испратени во други држави со зголемено ниво на насилство поврзано со криминални банди.
Претходно, војниците беа на стража за време на истрагата за повеќе убиства во Тлакепаке, град јужно од Гвадалахара, каде што беа убиени седум лица, од кои пет тинејџери, а неколку други беа повредени.
Претставниците на државата Халиско го поврзаа нападот со криминални групи.
Мексиканската влада претходно испрати војници за да и помогне на полицијата во борбата против криминалните синдикати, но ова е првпат да испрати толку многу одеднаш на северната граница на земјата.
Едгардо Флорес Кембел, од Граѓанскиот комитет за јавна безбедност на Тихуана, ја доведува во прашање стратегијата.
„Бесмислено е да пристигнат 2.000, 3.000, 5.000, 7.000 војници доколку претходно не вршеле разузнавачка работа, тајни операции и анализи“, вели Кембел.
Војската се соочи со обвинувања за злоупотреби и дослух со организираниот криминал. Но, локалните власти, вклучително и јавниот обвинител на Долна Калифорнија, Марија Елена Андраде Рамирез, велат дека армиските трупи помогнале да се намали криминалот во 2023 година во споредба со претходната година.
Facebook Forum