Максим Димитриевски: Отворање на Уставот, но со одложена важност
Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, е вториот градоначалник во трката за столчето во претседателскиот кабинет во Вила Водно. Роден во Куманово и градоначалник на Куманово во втор мандат. Потекнува од СДСМ, но со партијата се разидоа пред локалните избори во 2021 година поради сериозни несогласувања со дел од раководството и пред сè неговиот сограѓанин Оливер Спасовски.
Жесток критичар на политиките на актуелната Влада и попустливоста кон ДУИ. Социјалдемократ, но сега со своја партија „ЗНАМ“.
Одбрана на националните интереси, влез во ЕУ со „крената глава“, заштитник на „црвените линии“ на македонскиот народ и како што вели човек кој одговара на описот за претседател на државата – личност со став, карактер и интегритет кој нема никогаш да направи компромис на штета на државата и граѓаните.
Во поглед на отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите е дециден, може, но со одложена правна важност, бидејќи ќе стапат на сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
„Време е да излеземе од црно – белиот свет“, вели често Димитриевски, алудирајќи на двете најголеми партии од македонскиот политички блок.
Кампањата за претседателските избори ја почнува од Крушево и вели дека тоа не е случаен избор. Програмата ја нарече „Манифест за Македонија“, а слоганот со кој ја почна кампањата е „Максимум за Македонија“.
„Ќе се залагам за солидарно општество без дискриминација и владеење на правото“, рече на промоцијата во Крушево.
Програмата се темели на пет начела и пет приоритети. Реформи дома, но и формирање на специјален тим за адаптација на преговарачката рамка во врска со историските прашања кои ги оспорува Бугарија, а се поврзани со македонскиот идентитет.
Бескомпромисна битка против корупцијата и криминалот во државната администрација и политичките елити, често може да се чуе на митинзите на Димитриевски.
Дециден е дека ќе работи на обединувањето и зајакнувањето на безбедноста на државата.
Facebook Forum