Линкови за пристапност

Македонскиот маратонец во пливање Поп Ацев стана дел од светската пливачка елита


Македонскиот маратонец во пливање Поп Ацев стана дел од светската пливачка елита
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:08 0:00

По повеќе од две децении пливачка кариера, Евгениј Поп Ацев, во мај годинава влезе во меѓународната „Куќа на славните“ во маратонското пливање. Следен негов предизвик е да го преплива каналот Ла Манш, откако не успеа во првиот обид во 2023 година. Автор: Мики Трајковски

Голема чест ми е да бидам во таа група на пливачи и спортски работници кои се влезени во „Куќата на славните“. За мене тоа е едно големо признание за целата моја кариера, за сите успеси кои ги имам постигнато во пливањето.

Така вели Евгениј Поп Ацев, кој по повеќе од две децении пливачка кариера, во мај годинава влезе во меѓународната „Куќа на славните“ во маратонското пливање, иако не така лесно се стигнува до неа. Станува збор за награда, која се доделува на пливачи, со долга и плодна кариера, исполнета со многу успеси. Меѓу нив се сегашни и поранешни светски прваци.

„Те номинираат, потоа има еден борд на гласачи, кои гласаат, а кои се веќе влезени во ‘Куќата на славите’. За мене највеќе тоа е поради победите во Гран при серијата, победата на Охридскиот пливачки маратон. Победата во Капри, Наполи и другите успеси кои ги имам во маратонското пливање, како и промоција на маратонското пливање во светот“, вели Поп Ацев.

Првите чекори во маратонското пливање, Евгениј ги прави во Охрид во 1998 година, кога пливал на Илинденскиот маратон од 2,5 километри. До сега испливал повеќе од 400 маратони низ светот. Последниот беше неодамна, а тоа е 37-от, Охридски пливачки маратон на 25 километри, каде го освои третото место. Го плива 16 години, а во 2015 година стигнува прв до целта. Само во официјалната серија на светската пливачка асоцијација ФИНА, има настапено на повеќе од 110 маратони.

„Сега кога ќе погледнам назад навистина сум задоволен со тоа што го имам постигнато“, посочува Поп Ацев.

Го прашавме кој маратон до сега му бил најтежок за пливање.

„Како најтешки маратони мене ми се маратоните во ладна вода. Некој маратон е тежок поради условите, некој е тежок поради дистанцата, некој е тежок поради конкуренцијата. Меѓу потешките маратони за мене се маратонот во Канада, Сен Жен и во Аргентина, Санта Фе“, вели маратонецот.

Во јули 2023-та година, Поп Ацев не успеа да го преплива каналот Ла Манш. Но од оваа цел не се откажува.

„Мислам дека сега уште повеќе сакам да го испливам отколку претходно. Се надевам дека во блиска иднина ќе го сторам тоа. За мене најголем проблем е ладната вода во Ла Манш. За некои други пливачи тоа се големите струи и големите бранови“, посочува Поп Ацев.

За пливачкиот спорт во земјата, вели дека има многу таленти, само потребно е да се инвестира многу повеќе во нив, како и во инфраструктура.

„Ако немате услови, не може да имате добар спорт. Посебно за пливањето мора да имате затворен базен, а кај нас има само во Скопје два базени, во Охрид сега го градат, Куманово има еден мал и еден базен во Струга. Се надевам дека во иднина ќе имаме подобри денови“, истакнува маратонецот.

Евгениј, кој 2015, 2017 и 2019 година, ги заврши како најдобар светски маратонец, вели дека не се откажува од пливањето, и оти во иднина сака да се проба и во тренерските води. Се надева дека ќе има наследник во некои од младите пливачи кои доаѓаат и оти сака да биде пример за многумина да го следат неговиот пат, но и да ги надминат неговите успеси.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG