Линкови за пристапност

Власта и опозицијата во Вашингтон заеднички за НАТО


Лобираа за поголема видливост на Македонија на тркалезна маса во Институтот Вудроу Вилсон.

Обединет став во странство на македонските парламентарци во САД - Антонио Милошоски (ВМРО–ДПМНЕ), Игор Ивановски (СДСМ), Дешира Имери (ДУИ) и Павле Саздов (ВМРО–ДМПНЕ ) во Институтот Вудроу Вилсон во Вашингтон лобираа спроти Самитот во Чикаго на тема: „Македонија и НАТО – од корисник на безбедноста до нејзин произведувач“.

Членови на Собраниската комисија за надворешни работи се обидоа да ја уверат американската јавност дека нема етнички, социјални, политички поделби во мултиетничка Македонија - кога се работи за членството во НАТО.

Посетата, наведуваат пратениците, е во функција на интензивирање на видливоста на Македонија во Вашингтон преку средби со конгресмени, сенатори и дипломати од Стејт департментот.

Македонските парламентарци порачаа – говориме во еден глас – и од власта и од опозицијата, независно од етничкото потекло, затоа што 95% од граѓаните се за влез во НАТО и ЕУ и тој стремеж ги обединува сите граѓани на Македонија.

Рекоа дека од корисник на безбедноста пред само 10-тина години, денес Македонија е рамо до рамо со сојузниците од НАТО во мисијата за стабилизирање на Авганистан и искоренувањето на тероризмот.

Пратениците во Вашингтон го реафирмираа ставот дека Македонија е подготвена за членство во НАТО и упатија повик до Алијансата да ги искористи сите механизми на располагање за да врачи покана за членство на земјата. Тие очекуваат по парламентарните избори во Грција во мај да дојде до заживување на процесот во ОН за решавање на спорот со името.

„Сметам дека треба да го покажаме тоа што не` обединува, и опозицијата и власта, и Македонците, и Албанците, и другите граѓани, а тоа е дека не` обединува желбата да го добиеме своето заслужено место во НАТО. Немаме преголеми очекувања и не сме фиксирани на Самитот на НАТО, зашто сметам дека нашите напори ќе продолжат и после тоа“, рече поранешниот министер за надворешни работи Милошоски.

„Целта е Македонија да биде присутна во Вашингтон, да се реафирмираат барањата Македонија да стане членка во НАТО“, кажа пратеникот на опозицијата Ивановски.

На иста линија со нив и Имери од ДУИ: „Членството на Македонија во НАТО е дел и од нашата политичка платформа“.

Грчката дијаспора на настанот бараше одговор - зошто на спортски натпревари се истакнуваат знамињата со сонцето од Вергина и каква корист има од процесот на антиквизација? Милошоски и Ивановски возвратија дека никој нема право на ексклузивитет на историјата.

Ситуацијата статус-кво, кога станува збор за евроатлантската интеграција на Македонија е неодржлива на подолг период и тоа само негативно ќе се одрази врз регионот, па и соседна соседна Грција, предупредија македонските пратеници.

Доцна попладнето во македонската амбасада во Вашингтон, на средбата со претставници од дијаспората, пратениците побараа единство меѓу иселениците, велејќи им дека ги сметаат како на потенцијал, а не само како донатор. Пратениците апелираа дијаспората да ја зајакне промоцијата на македонската кауза и националните интереси.

XS
SM
MD
LG