Последниот прв човек на ЦК на СКМ со кој започнаа и распадот на комунистичката партија како неприкосновен владател, Петар Гошев, во изјава за Гласот на Америка оцени дека реформските процеси започнати во доцните осумдесетти и раните деведесетти години не се одвивале со брзината и динамиката кои тогаш биле очекувани дека ќе се случат.
Според него, во текот на таа транзиција направени биле многу пропусти кои ги забавиле тие текови. Сепак, Гошев нагласува дека постоеле и објективни тешкотии во таа транзиција како што беа блокадите, ембаргото од грчкиот сосед, санкциите кон поранешна Југославија, војните на Балканот и слични собитија што имале негативно влијание врз реформите.
Сличен став изнесе и поранешниот член на претседателството на СФРЈ од Македонија, Васил Тупурковски.
Тој смета дека Македонија ја пропуштила можноста уште во раните деведесетти да расчисти со некои од хипотеките на комунизмот кои подоцна ги оптовариле реформските процеси.
Критички кон процесите на демократизацијата, иницирани по падот на Берлинскиот ѕид, се осврнаа и медиумите.
Главиот уредник на неделникот Фокус и некогашен главен уредник на неделникот Млад Борец ,Никола Младенов изјави дека жали што во Македнија се` уште не се отвориле порцесите кои ќе овозможат нејзина демократизација.
„Ѕидот во Берлин падна, но тој остана во нашите глави“, вели Младенов.Според него, се` уште се попречувани процесите на етаблирање на индивидуалните права. „Не постојат демократски институции што ги гарантирааат и штитаат човековите права и слободи, што е клучно за етаблирање на демократските вредности“, вели Младенов.
Инаку, Македонија е една од малкуте земји од поранешиот комунистички блок во која не е спроведен процесот на лустрацијата.
Стојан Андов, пратеник во Собранието, кој го иницираше законот за лустрација смета дека постојат политички сили како од лева, така и од десна политичка провиниенција кои се обидуваат да го спречат овој процес, затоа што, како што вели, „се плашат од него“.
Според аналитичарите, отсуството на процесот на лустрација е индикација дека во Македоија се` уште големо влијание имаат центрите на политичка моќ кои биле влијателни и во времето на тоталитарното минато на Македонија.