Линкови за пристапност

Комисијата за лустрација останува на тврдењето за Ивановски


Комисијата за лустрација останува на тврдењето за Ивановски
Комисијата за лустрација останува на тврдењето за Ивановски

Експертите ја оценуваат дебатата како штетна за угледот на Уставниот суд како институција. Реагираше и амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере.

Комисијата за лустрација денеска оцени дека претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски бил соработик на тајните служби во комунистичкиот режим и дека како таков не е достоен да продолжи да ја врши актуелната функција.

Одлуката е донесена едногласно, а по сослушувањето на Ивановски, кој пред членовите на оваа Комисија се обиде да објасни зошто неговото име се наога во архивите на тајните служби. Според него, станува збор за манипулација, а тој во младоста бил дел од националистичко движење кое било оперативно обработувано од тајната полиција.

Претседателот на Уставиот суд по ваквата одлука на Комисјата соопшти дека ќе поднесе жалба пред Управниот суд, како единствена надлежна судска инстанца.

По јавното истапување на Ивановски во понеделникот пред Комисијата за лустрација се отвори политичка дебата.

Премиерот Никола Груевски ја оспори кредибилноста на Уставиот суд и одлуките донесени на чело со Ивановски. Двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, започнаа расправа околу тоа чиј кадар бил Ивановски.

Експертите ја оценуваат дебатата како штетна за угледот на Уставниот суд како институција. Реагираше и амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере. Не сакајќи да го коментира процесот на лустрација, Фуере повика политичките лидери да останат фокусирани на обезбедување на независност на судството и на јавната доверба во неговото функционирање.

„Оваа вербална борба со Уставниот суд ја поткопува сликата за земја-кандидат, која се стреми да се придружи на Европската Унија. Неколкупати ја изразивме нашата загриженост за нападите врз кредибилитетот на Уставниот суд. Веруваме дека ваквите напади го поткопуваат владеењето на правото во Македонија“, изјави Фуере.

Тој воедно ги повика политичките лидери да останат фокусирани на приоритетите со кои се соочува Македонија, а тоа се независноста на судството и обезбедување на јавна доверба во функционирањето на судството на сите нивоа.

XS
SM
MD
LG