Линкови за пристапност

Сопрен процесот на лустрација


Сопрен процесот на лустрација
Сопрен процесот на лустрација

Уставниот суд времено го запре процесот на „прочистување“ на некогашните соработници на тајните служби од редовите на носителите на јавни функции.

Уставниот суд на Република Македонија на вчерашната седница донесе времена мерка за стопирање на 13 члена од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, популарно наречениот „Закон за лустрација“.

Судот се изјасни за три поднесени иницијативи по кои биле оформени два предмета, а остануваат уште две понови иницијативи за кои се води постапка. Така, контроверзниот процес на „прочистување“ на соработниците на некогашните тајни служби, кој, за разлика од повеќето држави од Источна Европа, во Македонија се спроведува со дури две децении задоцнување и околу кој и досега се водеа и се водат жестоки полемики во македонската јавност, добива нова димензија.

Според македонските медиуми, над 10.000 лица поднеле изјава дека не биле соработници на службите, 4.000 изјави биле обработени, а 26 лица биле дефинирани како соработници со тајните служби.

Според мнозинството судии на Уставниот суд, физичките лица кои извршуваат одделни дејности – како новинари, поранешни политичари, свештеници и членови на невладини организации и фондации, не се носители на јавни функции, и затоа, со стопираните членови на законот, се навлегува во нивниот морален интегритет и достоинство. Поедноставено, Судот смета дека лустрацијата не треба да однесува за новинарите, свештениците, ексфункционерите, адвокатите и медијаторите, или членовите на невладини организации, фондации, верски заедници...

Во јануари 2010 година Судот имаше став дека Законот во целина не е неуставен и дека законодавецот има овластување да ги уредува сите сфери на општественото живеење, ако притоа не излегува вон уставните рамки - во поглед на овластувањата на органите на државната власт и во поглед на обемот и квалитетот на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Реакциите на партиите од власта и од опозицијата во поглед на последната одлука на судот беа во контекст на нивните досегашни јавно изнесени ставови по поглед на целиот процес. Според владеачката ВМРО-ДПМНЕ, судската одлука е само обид да се забави и блокира процесот на лустрација, а од најголемата опозициона партија - СДСМ, чии претставници и досега тврдеа дека лустрацијата се претвора во политичко средство за прогон на неистомислениците на власта, посочија дека и со оваа одлука на Уставниот суд се докажува дека водењето на процесот е погрешно.

„Уставниот суд конечно ја запре фашизоидната политика на Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ против сите оние кои не мислат како него. Со ова Томе Аџиев веќе нема морално право да биде претседател на Комисијата“, истакна во медиумите пратеникот Сафет Бишевац од ПЕИ, коалиционен партнер на СДСМ.

Претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, кој и покрај истекнатиот мандат, оспорувањата на неговата работа од дел од членовите на Комисијата и обвинувањата дека настапува од партиски позиции, се уште останува на функцијата, не ја коментираше одлуката на Уставниот суд, за која изјави дека мора да се почитува. Но, останува отворено прашањето: што ќе се случува со досегашните решенија на Комисијата за одделни личности од јавниот живот во Македонија, пред се, за оние неедногласно донесените решенија за личностите блиски до опозицијата? И, како тие обвинети личности, сега ќе ја продолжат судската постапка за докажување на невиноста, особено, откако во досегашниот процес кој во медиумите неретко беше споредуван со „лов не вештерки“, медиумски беа обележани како кодоши.

XS
SM
MD
LG