Линкови за пристапност

Лондонскиот суд утре ќе одлучи дали Асанж може да се жали против екстрадиција во САД


Американските обвинители сакаат да му судат на Асанж (52) за кривични обвиненија во врска со објавувањето на Викиликс на доверливи досиеја на американската војска и дипломатски телеграми
Американските обвинители сакаат да му судат на Асанж (52) за кривични обвиненија во врска со објавувањето на Викиликс на доверливи досиеја на американската војска и дипломатски телеграми

Високиот суд на Лондон утре ќе ја донесе одлука за тоа дали основачот на Викиликс Џулијан Асанж ќе може да поднесе жалба против екстрадицијата од Велика Британија во САД, што би можело да биде неговиот последен правен предизвик пред британските судови.

Американските обвинители сакаат да му судат на Асанж (52) за кривични обвиненија во врска со објавувањето на Викиликс на доверливи досиеја на американската војска и дипломатски телеграми.

Тие тврдат дека протекувањето ги загрозило животите на нивните агенти и дека немало оправдување за неговата криминалност.

Поддржувачите на Асанж го поздравуваат како херој на новинарството кој се гони за разоткривање на неправилностите на САД.

Велика Британија даде зелено светло за негова екстрадиција во 2022 година, а тој оттогаш се обидува да ја поништи таа одлука.

Неговиот прв обид да поднесе жалба против трансферот беше одбиен, што доведе до дводневно рочиште минатиот месец кога неговите адвокати се обидоа да ја поништат таа пресуда.

Двајца високи судии ќе ја донесат својата пресуда утре во 10:30 часот локално време.

Доколку победи Асанж, ќе има целосна жалба за повторно да се разгледа неговиот случај. Доколку загуби, неговата последна опција би била жалба до Европскиот суд за човекови права.

„Одлука утре“, објави неговата сопруга Стела Асанж на платформата X.

Правните битки на Џулијан Асанж започнаа во 2010 година, а тој последователно помина седум години затворен во амбасадата на Еквадор во Лондон пред да биде затворен во 2019 година поради прекршување на условите за кауција.

Оттогаш тој е задржан во затвор со максимално обезбедување во југоисточен Лондон. Дури и се венчал таму.

За време на сослушувањата во февруари, тимот на Асанж тврдеше дека обвинителството е политички мотивирано и рече дека тој бил цел поради разоткривање на „злосторства на државно ниво“.

Адвокатите на САД рекоа дека тој не се гони за објавување на протечените материјали, туку за помагање и заговор со поранешната американска разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг за незаконско прибавување, потоа откривање имиња на извори и ставање на тие лица во сериозен ризик.

Викиликс првпат стана познат во 2010 година кога објави снимка на американската војска на која се гледа напад од хеликоптери во Багдад во 2007 година, во кој загинаа десетина луѓе, вклучително и двајца вработени на Ројтерс.

Минатата недела, американскиот адвокат на Асанж рече дека неговиот правен тим не видел никакви индикации за решение на случајот против него, по извештајот во весниците дека Одделот за правда на САД размислувал да му дозволи да се изјасни за виновен за намалено обвинение.

XS
SM
MD
LG