Линкови за пристапност

Новинари и адвокати ја тужат ЦИА оти наводно ги шпионирала кога се сретнале со Асанж


Во тужбата се вели дека ЦИА под раководство на Мајк Помпео ги прекршила правата на приватност на американските новинари и адвокати
Во тужбата се вели дека ЦИА под раководство на Мајк Помпео ги прекршила правата на приватност на американските новинари и адвокати

Група новинари и адвокати ја тужат ЦИА и нејзиниот поранешен директор Мајк Помпео поради наводите дека разузнавачката агенција ги шпионирала кога го посетиле основачот на Викиликс Џулијан Асанж за време на неговиот престој во амбасадата на Еквадор во Лондон, објави Ројтерс.

Во тужбата се вели дека ЦИА под раководство на Помпео ги прекршила правата на приватност на американските новинари и адвокати со тоа што наводно ги шпионирала.

Меѓу тужителите се новинарите Чарлс Глас и Џон Гец и адвокатите Маргарет Кунстлер и Дебора Хрбек, кои го застапуваа Асанж.

„Уставот на САД ги штити американските граѓани од пречекорување на американската влада дури и кога активностите се одвиваат во странска амбасада во странска земја“, рече Ричард Рот, главниот адвокат што ги застапува тужителите.

На ЦИА, која одби да ја коментира тужбата, ѝ е забрането да собира разузнавачки информации за американските граѓани, иако неколку законодавци тврдат дека агенцијата чува тајни податоци за комуникација на Американците.

Асанж поднесе жалба до Високиот суд во Лондон да ја блокира неговата екстрадиција во САД за да се соочи со кривична пријава во правната битка што се одолговлекува повеќе од една деценија.

Тужбата вчера беше поднесена во судот во јужниот округ на Њујорк.

Асанж помина седум години во амбасадата пред да биде затворен во 2019 година.

Помпео не можеше веднаш да се контактира за коментар.

Американските власти го обвинуваат Асанж по 18 точки, вклучително и обвинение за шпионирање, поврзани со објавувањето на доверливите американски воени досиеја и дипломатски телеграми од страна на Викиликс.

Неговите поддржувачи велат дека тој е херој против естаблишментот, кој е жртва на напад затоа што го разоткри погрешното постапување на САД во конфликтите во Авганистан и Ирак.

XS
SM
MD
LG