Линкови за пристапност

Локални избори: Избирачките места затворени, догласување во општините каде имаше прекини


Поради застојот до кој дојде на повеќе гласачки места, предизвикан од нефункционирањето на уредите за отчитување на биометриските податоци, гласањето ќе продолжи на 13 избирачки места низ целата држава

Во 19 часот, согласно изборниот законик, но и после неколкуте изјави од претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, што внесоа забуна во јавноста, сепак беа затворени гласачките места. Гласањето им е дозволено само на лицата што во тој миг се нашле во кругот на местата, како училишта, градинки, месни заедници, каде се изведуваше гласањето.

Сепак, поради застојот до кој дојде на повеќе гласачки места, предизвикан од нефункционирањето на уредите за отчитување на биометриските податоци, гласањето ќе продолжи на 13 избирачки места низ целата држава.

На гласачки места во Гевгелија, Дебарца, Демир Хисар, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Радовиш, Росоман, Струга, како и во скопските Центар и Карпош, гласањето продолжи после 19 часот


Како што ни објасни портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, гласањето на тие избирачки места ќе продолжи за толку време, колку што траел прекинот.

Дел од тие гласачки места се во Гевгелија, Дебарца, Демир Хисар, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Радовиш, Росоман, Струга, како и во скопските Центар и Карпош. Во струшко Лабуништа продолжувањето ќе биде речиси три часа. Таму застојот се случил уште на почетокот од гласањето, по што се чекало долго време додека нефункционалниот уред за отчитување на отпечатоците од прсти да биде заменет со нов.

Во струшко Лабуништа ќе се гласа дополнителни три часа
Во струшко Лабуништа ќе се гласа дополнителни три часа

Според податоците од ДИК, до 18.30 часот, правото на глас го искористиле 808.206 граѓани односно 49,19 отсто од избирачите. Во ниту една скопска општина до 18.30 часот одзивот на гласачи не е над 50 отсто, покажува статистката на ДИК.


Највисок одзив има во Општина Карпош каде се регистрирани 54.639 гласачи, а до 18.30 часот гласале 49,71 отсто или 25.603 лица. Потоа е Општина Бутел каде досега гласале 16.417 гласачи или 49,26 отсто. Следува Кисела Вода со 48,79 отсто, Аеродром со 48,50 отсто, Центар со 48,02 отсто, Ѓорче Петров со 47,31 отсто, Гази Баба со 44,75 отсто и Чаир со 42,47 отсто од гласачите кои го оствариле своето право на глас.

Најмал одзив има во Шуто Оризари каде од 24.230 гласачи во Избирачкиот список, гласале 5.690 граѓани или 33,35 отсто.


Најголем интерес за локалните избори досега покажале жителите на Кавадарци со 62,75 отсто. Следува Прилеп каде од 63.436 гласачи во Избирачкиот список, гласале 38.136 граѓани или 60,30 отсто.

На третото место е Битола со одзив од 53,90 отсто односно 37.311 гласачи од вкупно 80.882 во Избирачкиот список. Потоа следува Охрид каде од запишаните 52.477 гласачи гласале 21.649 граѓани или 54,83 отсто. Во Штип досега гласале 15.360 граѓани или 52,17 отсто, а над 50 отсто одзив има и во Велес, односно 50,72 отсто.

XS
SM
MD
LG