Линкови за пристапност

Локални избори 2021: Излезноста до 13 часот е над 20%, повремени проблеми со електронските читачи за отпечатоци


Има јавувања за случаи во кои уредите за читање на отпечатоците од прстите не успеале да ги препознаат гласачите. Во тие случаи се применува претходниот метод, односно оставање отпечаток од прст врз хартија

Локални избори 2021: Излезноста до 13 часот е над 20%, повремени проблеми со електронските читачи за отпечатоци

До 13 часот на сите избирачки места во државата, излезноста е нешто над 20 проценти, објави Државната изборна комисија. Засега на гласачките места не се регистрирани поголеми проблеми. Сепак има јавувања за случаи во кои уредите за читање на отпечатоците од прстите не успеале да ги препознаат гласачите. Во тие случаи се применува претходниот метод, односно оставање отпечаток од прст врз хартија.

356.071 граѓанин или 20.54 отсто го искористиле правото и излегле да гласаат заклучно со 13 часот.Најголем одзив има во Општина Новаци – 43,70 отсто а потоа следуваат Кратово со 37,40 отсто, Крушево – 37,35, Демир Хисар 356,6 и Крива Паланка со 35,13 отсто.

Обратна е состојбата во Липково каде од запишаните 26.042 гласачи своето право на глас до 13 часот го оствариле само 11,65 отсто. Потоа следи Врапчиште со 11,72 отсто, Центар Жупа со 12,47 отсто, Боговиње со 12,82 отсто и Шуто Оризари каде гласале само 12,97 отсто од запиашните 24.230 гласачи.

Во избирачките места каде има поголем број гласачи, од рано утринава се формираат редици. Воедно причината за редиците е што поради запазување на мерките за заштита од Ковид-19, во просториите за гласање се ограничува бројот на присутни лица.

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски соопшти дека на шест избирачки места се гласа на стариот начин со УВ ламба и со спреј. Едното е во Старо Нагоричане, односно планинско место, каде имало само 15 регистрирани гласачи. Даштевски информираше и дека на 11 места имало прекин повеќе од еден час каде што имало сериозни технички проблеми.

Од ДИК апелираа до Изборните комисии и да примаат повеќе лица во просториите, односно онолку лица, колку што има паравани за гласање.

Јавно Обвинителство: Добиено известување од Амбасадата на САД

Од Јавното обвинителство соопштија дека утрово, после девет часот, било добиено известување од страна на Оперативниот штаб, доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, вчера се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес, како и дека друго лице – познат сторител на кривични дела поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија.

„По приемот на известувањето преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Исто така, од ЈО соопштија дека до нив се пристигнати неколку известувања за евентуални изборни нерегуларности сторени на подрачјето на Основното јавно обвинителство Скопје. Била добиена пријава дека, како што велат „засега непознати лица со две патнички моторни возила вршат изборен поткуп во Топаана и Шуто Оризари. Дадени се насоки СВР Скопје да преземе мерки за проверка на наводите од пријавата, проверка на лицата на кои што им бил понуден поткупот и утврдување на можен сторител на кривично дело „поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик“.

XS
SM
MD
LG