Линкови за пристапност

Либан вели дека во израелски воздушни напади биле убиени најмалку 100 лица


Над јужен Либан се крева чад по израелските напади, како што се гледа од Тир, јужен Либан
Над јужен Либан се крева чад по израелските напади, како што се гледа од Тир, јужен Либан

Либан соопшти дека во израелските воздушни напади во понеделникот биле убиени најмалку 100 луѓе, а биле повредени 400 други, додека прекуграничните борби меѓу Израел и милитантната група Хезболах ги зголемуваат стравувањата од сеопфатна војна.

Израелската војска соопшти дека нападнала повеќе од 300 цели, додека либанската државна новинска агенција објави силни напади во повеќе региони во јужниот дел на земјата.

Портпаролот на израелските одбранбени сили, контраадминистраторот Даниел Хагари, во видеопорака рече дека израелските сили дејствувале како одговор на индициите оти Хезболах се подготвува да пука кон израелска територија.

Хагари рече дека Хезболах складира проектили, беспилотни летала и друго оружје во цивилни области и рече дека Израел ги советува либанските граѓани да ги евакуираат областите во кои е присутен Хезболах.

„Ние работиме за да ги постигнеме сите наши цели од војната“, рече Хагари.

„Во Газа да се разбие Хамас и да се вратат дома сите заложници. А на север, да се укине заканата од Хезболах и да им се овозможи на жителите од северот на Израел безбедно да се вратат во своите домови“.

Хезболах соопшти дека одговорил со десетици ракети истрелани во понеделникот врз израелски воени цели во северен Израел.

Израелската воздушна одбрана, исто така, пресретна беспилотно летало рано во понеделникот лансиран од проиранска милитантна група во Ирак.

Зголемувањето на борбите долж границата меѓу Израел и Либан во текот на изминатата недела го натера Стејт департментот на САД да издаде ново предупредување за патување, во кое ги повикува американските граѓани да го напуштат Либан со комерцијални летови додека сè уште имаат опција.

Хезболах и израелските сили разменија стотици ракетни напади во неделата, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе стори „се` што е потребно“ за да се врати безбедноста во северен Израел.

Нетанјаху рече дека Израел во последните денови „на Хезболах му нанел серија удари што никогаш не ги замислувале“, нарекувајќи го тоа „порака“.

Хезболах возврати на израелскиот напад во кој беа убиени воени лидери на Хезболах во Бејрут во петокот, додека милитантите го обвинија Израел за далечинско активирање експлозиви во пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 32, а беа повредени илјадници.

Портпаролот за американската национална безбедност Џон Кирби, во неделата за „Еј-Би-Си Њуз“ изјави дека Израел и Хезболах мора да се воздржат за да го спречат конфликтот да ескалира во сеопфатна војна.

„Веруваме дека има подобри начини... отколку отворање втор фронт“ долж израелско-либанската граница, по речиси едногодишната борба на Израел со милитантите на Хамас во Газа.

Дописничката на Гласот на Америка од ОН Маргарет Бешир даде свој придонес во овој извештај; некои материјали се од АП

XS
SM
MD
LG