Израелските сили доцна вчера го извршија својот најинтензивен напад врз јужен Либан во војната која трае речиси една година, зголемувајќи ги тензиите меѓу двете земји и покрај меѓународните повици за смирување.
Во операцијата, израелската војска соопшти дека нејзините авиони погодиле околу 100 повеќеракетни фрлачи на ракети во јужен Либан, кои требало веднаш да бидат истрелани кон Израел.
Засега нема информации за жртви.
Нападот се состоеше од повеќе од 52 напади низ јужен Либан по 21 часот локално време, според либанската државна новинска агенција NNA.
Обединетото Кралство повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, а САД се „исплашени и загрижени од потенцијална ескалација“, изјави за новинарите портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Претходно вчера, шефот на Хезболах Хасан Насралах, призна дека овонеделните смртоносни експлозивни напади во Либан врз комуникациските уреди на милитантната група биле „тежок удар“, истовремено тврдејќи дека Израел ја преминал „црвената линија“ при извршувањето на операцијата.
Во нападите загинаа најмалку 32 лица, а ранети беа уште 3.000, додека милитанти на Хезболах и други одговараа на пораките на нивните пејџери кога им експлодирале во раце.
Шефот на израелската одбрана Галант вчера изјави дека телефонски разговарал со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин за ситуацијата во регионот, вклучително и за „одбраната на Израел од заканите на Хезболах“.
Пентагон соопшти дека Остин ја повторил „непоколебливата поддршка на САД за Израел наспроти заканите“ од Иран, Хезболах и другите ирански партнери во регионот.
„Секретарот ја истакна посветеноста на САД за одвраќање на регионалните противници и напорите за деескалација на тензиите низ регионот“, рече портпаролот на Пентагон.
По дипломатските разговори во Париз во четвртокот, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами повика на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.
Некои информации во текстот се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс