Нејзините родители ја крстиле како Меланија Кнавс.
Светот сега ја знае како поранешна првата дама на САД Меланија Трамп.
Родена е на 26 април 1970 година во Ново Место, Словенија, поранешна Југославија.
За време на нејзиното детство во градот Севница, татко и продавал автомобили, а мајка и работела во текстилната индустрија. Кнавс, сепак, била заинтересирана за модата, се сеќава нејзината поранешна школска другарка Мирјана Јеланчиќ.
„Сакаше и дизајнирање, од стара облека ќе правеше модерна“, вели Мирјана Јеланчиќ, пријателка на Меланија од детството.
Кнавс ги прекинала студиите по дизајн и, под името Меланија Кнаус, продолжила со манекенска кариера во Европа.
Во 1990-тите нејзиниот успех ја донесе во САД.
„Како манекенка и некој што честопати беше поканета на луксузни забави во Њујорк, моето сознание е дека на тој начин таа го запозна Доналд Трамп“, вели Кетрин Јелисон од Универзитетот на Охајо.
Кнаус стана Меланија Трамп на 22 јануари 2005 година, а една година подоцна го роди својот прв и единствен син Барон. Истата година, стана и американска државјанка.
Животот на Меланија Трамп доби поинаков тек кога нејзиниот сопруг се кандидираше за претседател во 2016-тата, а таа му се придружи во кампањата.
„Прекрасно е што сум денес овде со вас, и со мојот сопруг. Многу сум гордa на него“, рече поранешната прва дама на САД, Меланија Трамп.
Доналд Трамп положи заклетва како 45-ти американски претседател во јануари 2017 година. Како прва дама, Меланија Трамп го обиколи светот и промовираше проекти како кампањата „Биди најдобар“, фокусирана на благосостојбата на децата и нивната безбедност на интернет и беше гласна против злоупотребата на опоиди.
Таа имаше понизок профил од многу први дами, но, сепак се соочи со интензивна медиумска критика, забележува Џелисон.
„Беше критикувана во некои кругови за нејзиниот моден избор, за нејзината одлука да не се пресели веднаш во Белата куќа, за нејзината кампања „Биди најдобар“ што не е еден од најуспешните проекти на првата дама“, вели Кетрин Јелисон од Универзитетот на Охајо.
По заминувањето од Белата куќа, Меланија Трамп практично исчезна од очите на јавноста.
Таа повремено повторно се појавуваше за да ја поддржи кандидатурата на нејзиниот сопруг за реизбор во 2024 година. И, да ги промовира нејзините мемоари.
„Пишувањето на овие мемоари беше длабоко лично навраќање за мене“, вели поранешната прва дама на САД, Меланија Трамп.
Остин Смит од Висконсин гласал за Доналд Трамп во 2016 година. Тој се надева дека Меланија ќе се врати во Белата куќа.
„Би сакал да понуди проекти за домашни миленици. Да се заложи за унапредување на училишниот оброк“, смета гласачот од Висконсин, Остин Смит.
Демократската гласачка Џеслин Каур би сакала Меланија Трамп да биде - „влијателна прва дама“.
„Да излезе и да разговара со урбаните заедници низ целата земја и да се покаже себеси, не само како фигура што стои зад претседателот, туку како жена со некаква моќ“, изјави гласачката Џеслин Каур.
Аналитичарката Џелисон, сепак, смета дека како прва дама со втор мандат, Меланија Трамп веројатно би продолжила, во најголем дел, да избегнува да биде во центарот на вниманието.
Facebook Forum