Дали наместо поддржувач на македонските евро интеграции, официјална Атина повторно ќе биде нејзин кочничар, откако двете држави влегоа во дипломатска војна, околу тоа дали се почитува или не Преспанскиот договор. Професорот по политички науки, Горан Шибакоски вели дека е неопходно градење на доверба, двете страни да го почитуваат договореното. Што ќе значи евентуалното враќање на почеток?
„Тоа би било премногу тешко и многу болен процес. Сè она што Македонија треба да го направи е да го смени наративот во однос на својот јужен сосед, Грција. Треба да се работи на подобрување на односите и почитувањето на договореното од Преспа и пред сè треба да се гради доверба меѓу двете страни“, вели Шибакоски.
Поранешниот амбасадор во Романија, Благој Зашов смета дека некое време заради внатрешни причини Грција, односно Мицотакис ќе инсистираат што е можно повеќе Северна Македонија да се држи до договореното, но оти тоа полека ќе слабее особено ако во Брисел се има разбирање за проблеми кои земјата ги има со Грција и Бугарија.
„Пред сè за внатрешна употреба во Грција затоа што Мицотакис од самиот почеток рече дека Преспанскиот договор не е добар за нив и сега само беше еден момент кој тој го искористи заради нашите настапи со новата Влада, за да може пред грчката јавност, да се покаже како голем бранител на грчките интереси“, вели Зашов.
Отпочнувањето на преговорите со ЕУ на земјата одат и преку Софија. Новата власт во Северна Македонија останува на ставот дека нема уставни измени под бугарски диктат. Дали е можен нов договор со Бугарија и нова преговарачка рамка.
„Ниту нов договор, ниту преговарачка рамка, туку само некакво толкување и на едното и на другото во смисла оставање на билатералните прашања на страна и водење на европска политика, која ќе биде насочена кон тоа, самите земји да си ги решаваат прашањата меѓу себе, а на европски план единствена Европа да биде единствена“, додава Зашов.
„Теоретски тоа е можно да се направи, но да претпоставиме да се направи тоа, би требало премногу внимателно планирање и внимателно преговарање. Би било премногу тешко и Македонија има сигнали за отпочнување на преговори, но Македонија е во еден канал каде треба да го испочитува претходно договореното“, објаснува Шибакоски.
Според Зашов, пак, подемот на крајната десница во Европа, нема да може да го забави процесот на проширување на ЕУ со регионот, затоа што, како што вели, и меѓу нив има такви кои се за тоа Европа да се обедини. Шибакоски, пак, вели дека подемот на крајната десница создава загриженост, и оти тоа може да го забави процесот на пристапување на нови држави кон ЕУ.
Facebook Forum