Ли Зелдин е поранешен републикански конгресмен со четири мандати од државата Њујорк и долгогодишен поддржувач на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Зелдин е подготвен да стане следниот администратор на Агенцијата за заштита на животната средина на САД.
44-годишникот има диплома од Школата за право на Олбани и служел четири години активна служба во Армијата на САД.
Оженет е и има ќерки близначки. Во изјавата објавена на 11 ноември, Трамп ја објави номинацијата на Зелдин, велејќи дека поранешниот конгресмен ќе цитирам „да ја ослободи моќта на американските бизниси, а во исто време да ги одржува највисоките еколошки стандарди“.
„Постојат прописи за кои левото крило на оваа земја [се] застапува преку регулаторна моќ што на крајот предизвикува бизнисите да одат во погрешна насока“, истакна Зелдин.
За време на администрацијата на демократскиот претседател Џо Бајден, Агенцијата за заштита на животна средина даде приоритет на производството на чиста и обновлива енергија, и постави ограничувања за производството на нафта и гас во обид да се ограничат токсичните емисии и да се борат против климатските промени.
Новоизбраниот претседател Трамп предвидува поинаква формула.
„Ќе ја надминеме секоја бирократска пречка за да издадеме брзи одобренија за ново дупчење, нови цевководи, нови рафинерии, нови електрани, нови електрични централи и реактори од секаков тип“, најави Трамп.
Зелдин најави слични позиции кога неуспешно се кандидираше за гувернер на Њујорк во 2022 година.
„Треба да ја укинеме државната забрана за безбедна екстракција на природен гас; да одобриме нови апликации за гасоводи“, рече Зелдин.
Номинацијата на Зелдин доаѓа откако Обединетите нации го обновија својот повик до земјите да се откажат од фосилните горива за да се борат против глобалното затоплување.
„Звукот што го слушате е часовник што отчукува. Ние сме во последно одбројување за ограничување на порастот на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови и времето не е на наша страна“, укажа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Иако се очекува регулативите за климатските промени да се намалат на федерално ниво под раководство на Зелдин, аналитичарите забележуваат дека во моментов државите можат да изберат да донесат свои регулативи, а потрошувачите можат поединечно да се одлучат за зелени решенија.
Facebook Forum