Земјите од соседството се најпосакуваните дестинации за македонските граѓани за дочекот на Новата 2025 година. Од останатите европски држави најбарани дестинации се Виена, Прага и Будимпешта, а туристичките оператори го издвојуваат и Истанбул со понудата за дочек на новата година крстарејќи на брод на Босфорот.
„За наше изненадување за прв пат оваа година пуштивме програма за Атина, прослава на Новата Година и морам да кажам дека имаше доста голема побарувачка. Задоволни сме од тоа што турата се распродаде за многу кратко време. Освен таквите - екскурзии да ги наречам, повеќедневни, местата како Банско и Копаоник се секогаш атрактивни за граѓаните. Можеби не за новогодишната ноќ, но, за деновите после Нова година, значи Бадник, Божиќ, сакаат луѓето да го поминат на такви зимски дестинации и секако спа центрите. Оваа година доста актуелни беа бањите во Србија и во Бугарија“, вели Елизабета Кочева – Јосифовска од туристичката агенција ЈК Травел.
Голем дел од македонските граѓани, новата година ќе ја дочекаат во домашна атмосфера со најблиските, во кафулињата и рестораните или пак на плоштадите.
„Дома, со најблиските, во домашна атмосфера. Втора смена работа, па после работа ќе се собереме дома“, вели една граѓанка.
„Дома“, изјави еден граѓанин.
Но, има и граѓани кои новата година ќе ја дочекаат надвор од земјава.
„2024 година ја дочекавме во домашни услови со најблиските. Оваа година решивме исто со најблиските да одиме до Солун до Грција, па очекувам да поминеме уште подобро од минатата година“, рече еден граѓанин.
„Копаоник“, изјави еден граѓанин.
Претседателот на Туристичко-угостителска комора при Сојузот на стопански комори на Македонија(ССК), Аркан Керим, за Гласот на Америка на македонски вели дека во Северна Македонија за дочекот на новата година најмногу се очекуваат гости од соседството и исполнување на сите туристички капацитети на државата.
„Искрено да ви кажам ние имаме феноменални цени. Цените да ги споредите со која било друга држава во соседството, со која било друга држава на Балканот, ние имаме најприкладни цени и за тие што доаѓаат и за нашите патници и за нашите туристи што патуваат во странство. Бидејќи, верувајте ми, ние сме последната неосвоена оаза на Балканот и во Европа со прикладни и коректни цени за секој џеб. И преку вашиот сервис ги поканувам сите што не гледаат од Америка, од Канада, да ја посетат Македонија да дојдат да видат колку ние имаме убава гастрономија, колку сме напредни во сето тоа и колку се цените многу подобри од било каде“, изјави Аркан Керим, Претседател на Туристичко-угостителска комора при Сојузот на стопански комори на Република Северна Македонија.
Дали луѓето патуваат или не зависи од многу причини, но нема рестрикции на желбите за новата година:
„Очекувам да биде уште подобра од 2024, посакувам да си остварам се што имам замислено, здравје, среќа, доволно е!“.
„2024 година беше една добра година за мене, очекувам да биде 2025 уште подобра, така да се надевам дека ќе биде уште подобра“.
„Здравје на сите, среќа и многу пари“.
„Немам некакви посебни желби, што ќе дојде - тоа!“
Патувањата во овој дел на годината остануваат популарни. За некои, промена на средината е одмор. За други, тоа симболично означува почеток на нешто друго. Но за сите Новата Година е обоена со надеж за убави времиња што доаѓаат. Нека ни е среќна и бериќетна!
За Гласот на Америка на македонски, Мартин Николовски.
Facebook Forum