Најновиот предлог на претседателот Трамп за управување со конфликтот на Блискиот Исток со испраќање Палестинци во Египет и Јордан, е симбол на она што многумина во Израел го гледаат како неконвенционален пристап кон надворешната политика, таков што може да донесе резултати што Израел сака да ги види - како агресивен пристап кон израелскиот главниот непријател, Иран.
Многу Израелци, особено поддржувачите на десничарската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, очекуваат Израел да има корист од многу од овие политики, како што направија за време на првиот претседателски мандат на Трамп.
„Верувам дека работејќи заедно повторно ќе ја унапредиме американско-израелската алијанса на уште повисоко ниво. Уверен сум дека ќе го довршиме поразот на иранската оска за тероризам и ќе воведеме нова ера на мир и просперитет за нашиот регион“, истакна Нетанјаху.
Некои израелски аналитичари велат дека со поддршка на Трамп, Израел може да продолжи со уништување на иранската нуклеарна програма, откако Израел ги ослабна иранските одбранбени системи и иранските претставници во Газа и Либан.
„На Израел многу му е потребна поддршка, соработка и моралната јасност на претстојната администрација на Трамп со цел конечно, можеби, да го елиминира раководството на иранскиот режим и неговата нуклеарна програма“, смета Ден Дикер од Центарот за безбедност и надворешни работи во Ерусалим.
Други аналитичари велат дека не се сигурни дали претседателот Трамп ќе ја поддржи израелската воена акција против Иран.
„Тој прво ќе се обиде да изврши притисок за договор, различен договор од оној од кој се откажа, се разбира, но тоа ќе биде негов прв приоритет“, вели Хелит Барел, поранешна директорка на Израелскиот совет за национална безбедност.
Претседателот Трамп вели дека сака да го прошири договорот за кој неговата претходна администрација преговараше меѓу Израел и земјите од Персискиот Залив, со тоа што ќе создаде мировен договор меѓу Израел и Саудиска Арабија.
„Тој сака да биде човек кој ќе направи договор на векот. Колку повеќе Израел ги нормализира своите односи со земјите од Персискиот Залив, толку повеќе тие можат да соработуваат заедно за да се справат со безбедносните закани како Иран, ИСИС -- толку помалку Америка треба да прави. Од гледна точка на Трамп во големата шема на работите, тој сака Америка да прави помалку“, посочува Џонатан Ринхолд од Универзитетот „Бар Илан“.
Саудиска Арабија изјави дека секој израелско-саудиски мировен договор ќе биде условен со напредок кон палестинска држава, политика што ја отфрли десничарската влада на Израел.
Ова може да биде извор на разидување меѓу Трамп и израелските лидери.
„Тој ќе бара договор за некој вид палестински ентитет на Западниот Брег, за да се обиде конечно да го реши тоа со Израел. Тоа би укажало дека Израел треба да направи голем број различни алтернативи“, додава Дикер.
Претседателот Трамп вети дека ќе стави крај на сите војни и нашироко доби признание во Израел за сегашниот договор за прекин на огнот и ослободување заложници меѓу Израел и Хамас.
Но, изнаоѓањето трајни решенија за конфликтите на Блискиот Исток може да биде уште потежок предизвик за американскиот претседател што се враќа.
Facebook Forum