Израелците се шокирани што додека се води војна против големиот непријател Иран и иранските полномошници Хамас и Хезболах, повеќе израелски граѓани биле регрутирани да шпионираат за Иран од кога било досега во израелската историја.
Последните уапсени се двајца резервисти на израелската Армија, вклучително и еден за кого израелските полициски службеници тврдат дека му дал на Иран доверлив материјал за израелскиот противракетен систем „Железна купола“.
Иран таргетираше неколку армиски бази во нивните два проектилски напада врз Израел во април и октомври 2024 година - напади кои Израелските безбедносни аналитичари велат дека делумно биле базирани на информации што наводните израелски шпиони му ги предале на Иран.
„Знаеме дека додека во првиот ирански напад, базите што беа нападнати, на пример, пешадиската бригада Голан и Рафаел на север. Тие беа цел на Иранците со помош на луѓето што одат таму. Со точен Џи-Пи-Ес“, вели Ејал Пинко од Универзитетот Бар Илан.
Двајцата армиски резервисти им се приклучиле на околу 30 други кои биле уапсени или осудени за шпионирање за Иран од почетокот на војната.
Имало толку многу осомничени за шпионажа што израелскиот затворски систем морал да отвори ново затворско крило во кој овие затвореници се држат во тешки услови слични на оние на милитантите на Хамас обвинети за терористички дела.
Израелска телевизија објави дека Иран регрутирал шпиони нудејќи високо платена работа на апликацијата за пораки Телеграм - од 20 долари за прскање антивладини графити до 4000 долари за киднапирање израелски службеници.
Засега, аналитичарите велат дека наводните шпиони биле фатени пред да можат да преземат екстремни акции.
„Откако ќе разберете дека нешто не е во ред или нешто е сомнително или во крајност, тие веќе го знаат тоа затоа што сте извршиле некои чувствителни мисии. Тие можат да кажат: „Во ред, ќе одам кај вашата сопруга, кај вашето семејство, во полиција, или слично. И тогаш сте заглавени.“, додава Пинко.
Речиси сите наводни шпиони уапсени во текот на минатата година биле имигранти кои зборуваат руски во Израел.
Еврејската држава е домаќин на повеќе од милион руски имигранти, заедница во која многумина се борат финансиски и се жалат на недостигот на поддршка од израелските институции.
Некои од уапсените ги наведоа економските мотиви за нивните активности.
„Некое од поранешното руско население во Израел е особено тешко погодено од економскиот пад како резултат на војната или од продолжената воена служба“, вели Чак Фрајлих од Институтот за национални безбедносни студии.
Според израелските аналитичари, успешната кампања на Иран за регрутирање шпиони во Израел доаѓа откако овде растат очекувањата за израелски напад врз иранските нуклеарни постројки во наредните месеци.
Facebook Forum