Линкови за пристапност

Иран во просек убива над 10 луѓе неделно, велат ОН


Најмалку 209 луѓе биле егзекутирани во земјата од први јануари, првенствено за прекршоци поврзани со дрога
Најмалку 209 луѓе биле егзекутирани во земјата од први јануари, првенствено за прекршоци поврзани со дрога

Шефот за човекови права на Обединетите нации Вокер Турк рече дека Иран во просек убивал повеќе од 10 луѓе неделно оваа година.

Најмалку 209 луѓе биле егзекутирани во земјата од први јануари, првенствено за прекршоци поврзани со дрога, но во соопштението на Обединетите нации се вели дека вистинскиот број е веројатно многу поголем.

„Во просек досега оваа година, над 10 луѓе се убиваат секоја недела во Иран, што го прави еден од најголемите егзекутори во светот“, рече Турк.

„Со ова темпо, Иран е загрижувачки на истиот пат како минатата година, кога наводно беа егзекутирани околу 580 луѓе“, додаде тој.

Иран во понеделникот обеси двајца мажи под обвинение за ширење богохулие на социјалните мрежи, што предизвика американска осуда и обвинувања од Амнести интернешенл дека Исламската Република достигнала ново ниско ниво во бранот егзекуции.

Во саботата, Иран го погуби шведско-иранскиот дисидент Хабиб Чааб за, како што рече, тероризам, што предизвика остри критики од Шведска и од Европската унија.

ОН соопштија дека најмалку 45 лица, вклучително и 22 од малцинството Балучи, биле егзекутирани во изминатите 14 дена. Повеќето биле егзекутирани поради обвиненија поврзани со дрога.

„Наметнувањето смртна казна за прекршоци за дрога е некомпатибилно со меѓународните норми и стандарди за човекови права“, рече Турк.

„Комитетот за човекови права е јасен во врска со забраната за наметнување смртна казна за кое било освен за „најтешките злосторства“ – злосторства од екстремна тежина, кои вклучуваат намерно убиство. Прекршоците за дрога не го исполнуваат овој праг“.

Извор: Агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG